Фејсбук претстави сопствен пребарувач

Социјалната мрежа Фејсбук го претстави сопствениот пребарувач, со кој ќе можат да се пребаруваат содржини објавени на мрежата во која членуваат една милијарда корисници. На прес – конференција во седиштето на компанијата во Менло Парк во Калифорнија беше претставен Facebook Graph Search, кој според најавите од компанијата ќе им биде од голема помош на корисниците. 

Фејсбук претстави сопствен пребарувач

Во моментов, вклучувањето на ова функција е овозможено за оние кои користат Фејсбук на англиски јазик. Наскоро на сите корисници во горниот десен агол ќе им се појави формулар преку кој ќе се пребарува по градови, интереси, занимања и слично. Од компанијата велат дека ова го прават на барање на корисниците, кои често се жалеа дека Фејсбук е непрегледен и тежок за пребарување.

Со овој чекор компанијата влегува на пазарот на Google, со што се отвора нов фронт меѓу интернет – гигантите. Алгоритмот што го развиле инженерите на Фејсбук е дизајниран да одговара на конкретни прашања и помага во нивното сотавување. Facebook Graph Search би требало да го олесни пребарувањето по пријатели кои живеат во некој град, или во потрагата по луѓе со заеднички вкус за музика, на пример. Пребарувањето на рестораните кои имаат најмногу „лајкови“ од вашите пријатели е функција која се чини практично. Покрај ова, новиот пребарувач нуди нов начин за пребарување по светската веб-мрежа, но и нов простор за прикажување на огласи, од што во Фејсбук се надеваат на зголемен профит.