Фејсбук подготви „воена соба“ против политички дезинформации

Фејсбук подготви „воена соба“ во своето седиште во Калифорнија со цел да спречи повторување на она што ѝ се случи на оваа социјална мрежа за време на американските избори во 2016 година, кога на нејзината платформа се ширеа низа политички дезинформации, пренесува Си-ен-ен.

Во воената соба би требало да се соберат лидерите на тимовите одговорни за разни правни и безбедносни прашања на компанијата.

Си-ен-ен пишува дека Фејсбук е под сериозен надзор од Конгресот, федералните истражувачи и медиумите откако беше обелоденето дека руски владини оперативци манипулирале со информациите на социјалната мрежа со цел да влијаат врз политичките ставови на Американците за време на изборите во 2016 година.

Компанијата одлучи да вработи илјадници нови модератори, инвестирала во вештачка интелигенција, вклучила поранешни вработени од американските разузнавачки служби и поставила нови правила за политичка промоција.

„Воената соба буквално е резултат на двогодишна огромна инвестиција во луѓе и технологија за да се осигураме дека нашата мрежа е подготвена за избори. Собата е изградена на досегашниот труд во сузбивање лажни профили и ширење дезинформации на нашите платформи“, изјави Сами Чакрабарти, еден од директорите на Фејсбук.