Фејсбук отстранил стотици профили од Македонија поради „координирано неавтентично однесување“

Фејсбук соопшти дека се отстранети вкупно 212 страници, групи и профили од Македонија и Косово поради вмешаност во „координирано неавтентично однесување“.

Дел од овие страници ги следеле околу 685 илјади кориснички профили, а страниците потрошиле вкупно 5.800 долари на реклами платени во американски долари, евра, фунти и филипински пезоси. Првата реклама била платена во октомври 2013, а последната се случила во март 2019 година.

„Поединците зад овие активности работеле со лажни профили со кои биле администратори на страници кои споделувале општи содржини, кои не биле специфични за земјата, како астрологија, славни личности и совети за убавина. Тие исто така воделе мал број на страници со кои лажно се претставувало застапување на политички заедници во Австралија, Обединетото Кралство и Соединетите Држави и објавувале за религиозни и политички содржини, како национализам, ислам и политички личности. Иако се обидувале да се прикажат лажно, откривме дека овие страници, групи и профили се поврзани со мрежа на поединци кои работат во Македонија и Косово“, известија од Фејсбук.

Истрагата на Фејсбук била поттикната од пријави, како и од медиуми од Австралија. Од Фејсбук велат и дека ги споделиле информациите со надлежните власти.

Од Фејсбук соопштија дека покрај во Македонија и Косово, отстраниле илјадници профили и од Русија и Иран поради слично однесување.

Во целосната операција операција, од Фејсбук и Инстаграм отстранети се вкупно 2.632 страници, групи и профили.

Од компанијата велат дека иако не откриле поврзаност меѓу различните активности, сепак овие профили користеле слични тактики на создавање мрежи за мамење на корисниците.