Фејсбук ќе ги отстранува дезинформациите кои водат до насилство

Најголемата глобална социјална мрежа Фејсбук, која се соочува со критики поради објави кои поттикнале насилство во некои земји, вчера соопштија дека ќе почнат да ги отстрануваат дезинформациите кои може да доведат до физичко насилство врз луѓе.

Новата политика ги проширува правилата на Фејсбук околу тоа каков тип на погрешни информации отстранува од мрежата и доаѓа најмногу како одговор на случаи кои се случиле во Шри Ланка, Мјанмар и Индија каде дезинформации проширени на Фејсбук довеле до реални напади на етнички малцинства.

„Идентификувавме дека постојат типови на дезинформации кои се споделуваат во одредени земји и кои поттикнуваат постоечки тензии и водат до физичко насилство во реалниот живот. Ние имаме широка одговорност, не само да го намалиме таквиот вид содржини, туку и да ги отстраниме“, изјавила Теса Лионс, менаџерот на производи на Фејсбук.

Фејсбук подолго време се соочува со критики поради употребата на говор на омраза и дезинформации кои водат кон насилство. Компанијата пак тешко се справуваше со балансирањето помеѓу овие загрижувања и вербата во слободата на говор, особено во државите каде интернетот е релативно нова услуга и каде има малку традиционални медиуми кои би се справувале со шпекулациите кои се шират на социјалните мрежи.

Во Мјанмар, Фејсбук е обвинет од страна на истражувачи на Обединетите Нации дека поттикнува насилство против, малцинската етничка група на Рохинџи муслиманите, со допуштањето на анти-муслимански говор на омраза и лажни вести.

Во Шри Ланка се случија немири откако лажна вест ја насочила мнозинската будистичка заедница против муслиманите. Слични шпекулации на социјалните мрежи воделе кон напади во Индија и Мексико. Во голем број од случаите, шпекулациите не повикувале на насилство, но ги поттикнувале прикриените тензии во општествата.

Според новите правила од Фејсбук соопштиле дека ќе остварат соработка со локалните граѓански организации за идентификација на дезинформациите кои што ќе се отстрануваат. Новите правила веќе стапиле на сила во Шри Ланка и Лионс изјавила дека компанијата се надева дека тие набрзо ќе се применуваат и во Мјанмар, а потоа и во други држави.