Фејсбук ја забрани „QAnon“ теоријата на заговор

Фејсбук објави дека од своите платформи ги отстранува профилите и содржината поврзина со десничарската теорија на заговор „QAnon“, за која ФБИ неодамна оцени дека е закана за домашен тероризам, пренесува хрватски „Индекс“.

Ова е најсилниот потег на Фејсбук досега насочен против приврзаниците на „QAnon“. Фејсбук во соопштението за јавноста најави дека сите страници, групи и Инстаграм профили ќе бидат отстранети од овие платформи, без разлика дали промовираат насилна содржина или не.

Од 19 август, Фејсбук отстрани околу 15.000 страници и групи кои ја шират теоријата на заговор на „QAnon“, но социјалната мрежа досега спроведуваше такви активности исклучиво против страниците на „QAnon“ кои промовираа насилна содржина.

Теоријата на заговор чија популарност расте од ден на ден, тврди дека постои заговор на „длабоката држава“ против американскиот претседател Доналд Трамп и неговите приврзаници. Тој заговор на „длабоката држава“, според „QAnon“ е предводен од глобална кабала на сексуални злоставувачи на деца кои сакаат да создадат нов светски поредок.