Фејсбук ја укина забраната за објави кои тврдат дека Ковид-19 е создаден во лабораторија

Компанијата Фејсбук ја укина забраната на објави во кои се тврди дека Ковид-19 е производ на човекот, откако во медиумите повторно се актуелизираше теоријата за тоа дека вирусот е можно да настанал во лабораторија. За потсетување, моменталните официјални информации од релевантните здравствени институции се дека вирусот потекнува од животно, а не од лабораторија.

Социјалната мрежа соопшти дека промената во нивните правила доаѓа во пресрет на новите истражувања за потеклото на вирусот.

Во февруари Фејсбук изрично го забрани ова тврдење на нивната платформа како дел од мерките кои ги презедоа за отстранување на дезинформациите околу Ковид-19 и вакцините. Тогаш, во соопштение до јавноста, компанијата порача дека по консултации со водечките здравствени организации ја прошириле листата на погрешни тврдења кои ќе ги отстрануваат од социјалната мрежа.

Доколку некој на оваа платформа објавуваше тврдења дека „Ковид-19 е создаден од човек, или произведен во лабораторија“, неговите објави можеа да му бидат избришани или ограничени, а повеќекратно споделување такви тврдења водеше кон целосна забрана од Фејсбук.

Промената доаѓа по сторија на Вол Стрит Журнал во која пренесоа дека американските разузнувачки служби веруваат дека постојат одредени докази кои заслужуваат дополнителна истрага во теоријата дека вирусот настанал во лабораторија. Според весникот, тројца вработени од Институтот за вирологија во Вухан побарале болничко лекување откако добиле симптоми слични на грип во ноември 2019. Сепак, други медиуми ги критикуваа овие наводи со образложение дека тие и понатаму се засноваат на тенки докази и шпекулации.

Во новите правила на Фејсбук, иако се укиннаа дел од забраните, истовремено се засилија рестрикциите за корисниците кои повеќекратно споделуваат дезинформации на мрежата. Според новите правила корисниците кои повеќе пати ќе споделуваат содржина која е означена како лажна ќе добијат суспензија на нивните објави, дури и на оние кои не биле означени како лажни. Дополнително, корисниците кои „лајкнале“ страница која повеќе пати споделувала лажни информации ќе добијат „поп-ап“ известување во која ќе бидат предупредени за историјата на објави на таа страница.

Заедничкото научно истражување на Светската здравствена организација (СЗО) и Кина за потеклото на Ковид-19, кое беше објавено во март, утврди дека е целосно неверојатно дека вирусот се појавил од лабораторија, туку дека најверојатно се пренесол од животни на луѓето.