СЗО: Богатите држави треба итно да дадат 14 милијарди евра за крај на пандемијата со Ковид-19

Светската здравствена организација (СЗО) ги повика богатите држави веднаш да обезбедат 14 милијарди евра кои недостасуваат за да се финансира планот за борба со пандемијата од Ковид-19.

„Науката ни дава алатки да се бориме со Ковид-19. Доколку тие се расподелат глобално на солидарен начин, можеме да ставиме крај на Ковид-19 како глобална здравствена криза оваа година“, вели директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрехесус.

„Доколку побогатите држави го платат својот дел од трошоците за АЦТ-Акцелераторот, тоа ќе помогне на сиромашните земји и земјите во развој да ги надминат ниските нивоа на вакцинација, слабото тестирање и недостатокот на лекови“, додава тој во соопштение до јавноста.

АЦТ-Акцелератор е акроним за пристап до алатки против Ковид. Станува збор за план развиен од најголемите здравствени агенции во светот, како и од Светската Банка и Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс. Акцелераторот е предводен од СЗО и преку него се забрзува борбата против Ковид-19 во земјите во развој.

Една од компонентите на акцелераторот е и КОВАКС системот, кој беше поставен на самиот старт на пандемијата со цел да се гарантира рамноправен пристап до вакцините низ целиот свет. До средината на јануари преку оваа компонента беа дистрибуирани милијарда дози вакцини.

За да функционира АЦТ-Акцелераторот потребни се 20,5 милијарди евра за периодот од октомври 2021 до септември 2022. Но, досега добиени биле само 700 милиони евра.

Програмата поради тоа бара 14 милијарди долари од богатите држави за да се надомести јазот во финансирањето.

Само шест држави уплатиле доволно или повеќе од потребното за оваа програма – Канада, Германија, Кувајт, Норвешка, Саудиска Арабија и Шведска.