Фејсбук им плаќа на корисниците да ги исклучат своите профили до американските избори

Како дел од истражување за влијанието на социјалните мрежи врз политичките ставови на корисниците, Фејсбук ќе им плаќа на дел од своите корисници да ги деактивираат своите профили на Фејсбук и Инстаграм пред изборите во САД, закажани за 3 ноември.

Дел од американските корисници на овие социјални мрежи добиле известување на своите платформи дека можат да учествуваат во овој експеримент, во кој нивниот профил ќе биде исклучен една или шест недели. Корисниците ќе бидат платени најмногу до 20 долари неделно.

Информацијата ја потвдила и портпаролката на Фејсбук, Лиз Буржо, која напоменала дека ова е „прилично стандарден тип на академско истражување“.

Претходната недела Фејсбук соопшти дека се здружува со 17 надворешни научни истражувачи за да се истражи влијанието на компанијата на американските избори 2020.

„Ќе се набљудува влијанието на тоа како луѓето го користат нашиот производ, вклучувајќи и содржините кои се споделуваат во јазичето за вести и на Инстаграм и улогата на сервисите како системите за рангирање на содржини“, изјавил потпретседателот на секторот за глобални политики и комуникации на Фејсбук, Ник Клег.

Како дел од истражувањето ќе бидат волонтери од САД, а од компанијата очекуваат да учествуваат меѓу 200 и 400 илјади корисници.