Фејсбук им одредува рејтинг на веродостојност на корисниците за да се справи со лажните вести

Социјалната мрежа Фејсбук доделува рејтинг на скала од 0 до 1 на своите корисници со кои ја одредува нивната веродостојност, како дел од нивните напори да се справат со лажните информации, потврдила за Вашингтон Тајмс Теса Лајонс, продукт менаџерка на компанијата.

Лајонс изјавила дека социјалната мрежа работи на новиот рејтинг систем последнава година и дека почнал да се развива откако корисниците почнале погрешно да пријавуваат веродостојни информации како лажни.

Социјалните мрежи се под сè поголем притисок да ја проверат содржината која се објавува на нивните платформи откако беше откриено дека разни страни ги искористуваат за кампањи за дезинформации кои можеби имале влијание врз изборите во повеќе земји од светот.

Како Твитер и Јутјуб и Фејсбук во меѓувреме разви механизми за обележување на говорот на омраза или лажните вести кои потоа се испраќаат до независни проверувачи на факти кои имаат задача да ја проверат информацијата.

„Сепак, не е ретко луѓето да кажат дека нешто е погрешно само поради тоа што тие не се согласуваат со премисата на текстот или намерно целат кон одреден објавувач“, изјавила Лајонс за Вашингтон Пост.

„Еден од сигналите кои ги користиме се начинот на кој луѓето имаат интеракција со содржините. На пример, доколку некој претходно дал фидбек за некоја содржина како погрешна и таа содржина е потврдена како погрешна од проверувач на факти, тогаш во иднина на тој човек ќе му дадеме поголема тежина при следните пријавувања на лажни вести, отколку на оној кој дава фидбек на многу содржини како лажни вести, за кои подоцна ќе се потврди дека се точни“, додаваа таа.

Освен тоа дека рејтингот е на скала од 0 до 1, од Фејсбук не сакале да откријат повеќе детали околу рангирањето на корисниците во нивната веродостојност, објаснувајќи дека тоа е за дасе спречи изигрување на системот.