Фејсбук и Инстаграм ќе овозможат алатки за ограничување на времето поминато на нивните платформи

Фејсбук и Инстаграм ќе воведат алатки со кои корисниците ќе можат да го контролираат времето поминато на овие социјални мрежи, објавија од Фејсбук.

Алатката ќе овозможи луѓето да постават временски лимити за користење на апликацијата и привремено да ги исклучи нотификациите.

„Ги направивме овие алатки во соработката и инспирирани од водечки експерти за ментално здравје, научници, организации и нашите големи истражувања и фидбекот кој го добиваме од нашата заедница“, велат во блог објавата Дејвид Гинсберг од Фејсбук и Амет Ранадајв од Инстаграм.

„Сакаме времето кое луѓето го поминуваат на Фејсбук и Инстаграм да биде намерно, позитивно и инспиративно. Нашата надеж е дека овие алатки ќе им овозможат на луѓето поголема контрола врз времето кое го поминуваат на нашите платформи, а истовремено да поттикнат дијалог помеѓу родителите и тинејџерите околу онлајн навиките кои се добри за нив“.

Алатките ќе можат да се најдат на страниците за уредување (settings) на Фејсбук и Инстаграм, како „Вашето време на Фејсбук“ (Your Time on Facebook) и „Твојата активност“ (Your Activity).

Марк Закерберг во јануари соопшти дека еден од главните проблеми со кој се соочува сајтот е „осигурување дека времето поминато на Фејсбук е корисно потрошено“, покрај проблемите со „заштита на заедницата од злоупотреби и говор на омраза“ и „одбрана од мешање на државни служби“.

Компанијата се справува и со притисок од конкуренцијата. И Гугл и Епл објавија слични опции кои ќе бидат вградени во Андроид и iOS оперативните системи, преку кои нотификациите ќе можат да се исклучат трајно, наместо привремено како што ќе дозволува Фејсбук.

Гугл и Епл имаат и алатки како „добро потрошено време“ (time well spent) кое овозможува на родителите да го ограничат времето кое децата го поминуваат пред екраните.