Фејсбук блокираше планиран пренос во живо на евтаназија на човек со неизлечлива болест

Социјалната мрежа Фејсбук го блокираше преносот во живо на хронично болен човек кој планирал низ видео пренос да изврши евтаназија.

Алан Кок испратил барање до францускиот претседател Емануел Макрон за медицински потпомогната смрт, која во моментов не е дозволена според француските закони, пренесува Еуроњуз.

Во петокот, 57-годишниот жител на Дижон, кој долги години боледува од неизлечлива дегенеративна болест, објавил видео во кое објавува дека тоа ќе му биде последниот оброк.

„Знам дека следните денови ќе бидат тешки, но веќе одлучив и помирен сум со таа одлука“, рекол Кок.

Тој планирал евтаназијата да ја пренесува во живо, преку одбивање да зема храна, течности и медикаменти, освен земање на лекови за намалување на болката, по што, според него, смртта би следувала во следните два дена. Сепак во порака на неговиот Фејсбук профил тој споделил дека Фејсбук ја блокирала можноста тој да објавува видео содржини до вторник.

„Сочуствуваме со Алан Кок и оние кои се засегнати од тажната ситуација. Иако ја почитуваме неговата одлука да го насочи вниманието кон ова комплексно и тешко прашање, поради нашите правила од експертите, одлучивме да го спречиме Алан од пренос во живо, бидејќи не дозволуваме пренесување на обиди за самоубиство“, соопштиле од Фејсбук.

Кок ги повикал неговите следбеници да реагираат на одлуката на Фејсбук, која ја нарече нарушување на слободата на изразување, како човеково право.

Тој добил и одговор на неговото писмо до Макрон, во кој францускиот претседател вели дека не може да му помогне во одлуката за евтаназија, бидејќи не е над законот.

„Ја почитувам вашата намера, бидејќи зборува за многу интимен однос кој секој од нас го гради со крајот на сопствениот живот и смртта. Но, бидејќи не сум над законите, јас не можам да ви одговорам позитивно на вашето барање“, напишал во одговорот Макрон.

Евтаназијата е нелегална низ поголемиот дел од Европската Унија, додека само четири земји дозволуваат одредена форма на потпомогна смрт – Белгија, Холандија, Луксембург и последно, Германија.