Фејсбук акција на УСАИД: Сподели фотографија за да добиеш сликовница

Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“ од денеска до 16-ти месецов организира Фејсбук кампања за здрави читачки навики.

Целта на овој проект е да ги поттикне родителите и останатите членови од семејството на најмладите деца и ученици јавно да споделуваат фотографии од тоа како читаат сликовници и книги со своите деца во домот, а секој кој ќе сподели фотографија ќе добие сликовница како подарок.

Кампањата за здрави читачки навики се одвива на официјалните Фејсбук страници на УСАИД Македонија и Фондацијата „Чекор по чекор“ во периодот од 1 до 25 декември 2016 год. Доктор Читко, маскотата и херојот на кампањата, секојдневно споделува совети, идеи и ресурси за да ги поттикне родителите да читаат по 20 минути на ден со своите деца.

Проектот го спроведува Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ со цел да се проценат и подобрат јазичните и математичките вештини на учениците од почетните одделенија, да се унапредат педагошките вештини на наставниците и да се подигне свеста на целокупната јавност за важноста од овие почетни вештини неопходни за развој и успех на најмладите ученици.

Во рамки на проектот, како што информираат од Фондацијата, првпат во државата се адаптирани меѓународни алатки за процена на почетната јазична и математичка писменот. Проектот подготви и „Библиотека на тркала“ која ќе ги посетува училиштата и електронска библиотека со аудио- дигитални сликовници и активности достапни за целата јавност.

Во 2015 година, проектот отпечати и дистрибуира повеќе од 120.000 сликовници до сите основни училишта и јавни библиотеки во Македонија. Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“ ќе се спроведува до ноември 2017 година.