Фчерашни новости: Апсурдноста во која живееме е многу поапсурдна од онаа што ја создаваме

Со 42 епизоди и над 1000 минути смеа, „Фчерашни новости“ во моментов е единствената сатирична емисија во државата. Режисерот и главната уредничка имаа своја презентација на овогодинешното издание на Engage, на која зборуваа за хаосот што се создава при постојаното бркање на актуелноста, процес што според нив е најмачен, но и највозбудлив.

„Никогаш не знам што ќе режирам следно или во која ситуација ќе се најдам. Така што за мене една од најимпресивните ситуации е способноста на нашиот тим брзо да се адаптира на случувањата и да реагира на начин кој е најсоодветен“, рече режисерот Ѓеорѓи Унковски.

„Апсурдноста во којашто живееме е далеку поапсурдна од фиктивната апсурдност што ние можеме да ја напишеме и да ја смислиме“, забележа тој.

Сите вести кои тие ги продуцираат се инспирирани од вистински, иако тоа не е секогаш лесно, смета главната уредничка Бистра Георгиева.

За време на презентацијата, на видеобим се појави и Бранко Огњановски, еден од иницијаторите на „Фчерашни новости“. За него најголем предизвик од самиот почеток биле очекувањата на публиката, бидејќи според него, К-15 постави високи критериуми.

„Да се бавиш со сатира не е лесно и не е благодарно затоа што создава многу непријатели и затоа треба многу да се внимава кога тоа се прави“, нагласи тој.

„Сите сакаме да се насмееме на сатирата кога е за некој друг, но кога е лично за тебе, малку кисело се смееме. Особено кога е насочена кон политичари, односно кон политичари од власта“, рече тој.

Целосната презентација на „Фчерашни новости“ може да ја погледнете во продолжение.