ФБИ го проби телефонот на терористот од Сан Бернандино без помош од Епл

Федералното истражно биро на САД успеа да го отклучи паметниот телефон на стрелецот од Сан Бернандино без учество на Епл, со што заврши и судскиот случај, велат од Департманот за правда на САД.

Епл се противеше на судски налог издаден минатиот месец, со кој од фирмата се бараше да обезбеди нов софтвер со кој властите ќе можат да влезат во телефонот на Сајед Ризван Фарук.

Но, од ФБИ во понеделникот објавија дека телефонот бил пробиен независно и без помошта на Епл, со што побарале налогот да биде повлечен.

Фарук и неговата сопруга застрелаа 14 лица во Сан Бернандино, Калифорнија, во декември. Веднаш потоа беа застрелани од полицијата во самоодбрана.

ФБИ изјавија дека сакаат пристап до податоците во телефонот, за да дознаат дали напаѓачите имале соработници и друга цел.

Епл одговори на потегот на ФБИ, велејќи: „Од почетокот, се противевме на барањето на ФБИ  Епл да направи „спореден влез“ во Ајфонот, бидејќи веруваме дека барањето беше погрешно и дека би поставило опасен преседан. Како резултат на одбивањето на владата, ништо од ова не се случи. Овој случај никогаш не требаше да започне“.

Од компанијата велат дека „ќе продолжат да ја зголемуваат безбедноста на продуктите, како што заканите и нападите на нивните производи стануваат почести и пософистицирани“.

Извор: BBC