ФБИ ги проверува сите 25.000 војници на Националната гарда поради можен „внатрешен напад“ на инаугурацијата

Американските експерти за безбедност се загрижени за можен „внатрешен напад“ или закана што може да дојде од припадниците на службите задолжени за безбедноста на новоизбраниот американски претседател Џозеф Бајден за време на инаугурацијата на 20 јануари. Поради тоа, тие побараа од ФБИ да се направи безбедносна проверка на сите 25.000 припадници на Националната гарда кои доаѓаат во главниот град, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Зголемена претпазливост се јави поради немирите кои се случија на 6 јануари, кога настрадаа пет лица при упад на приврзаници на претседателот во заминување Доналд Трамп во зградата на Конгресот во Вашингтон.

Националната гарда почна да пристигнува во Вашингтон веќе минатата недела.

Мала група на демонстранти од десничарски групи, од кои некои носеа и оружје, вчера се собраа пред добро обезбедените државни собранија низ САД, додека војниците на Националната гарда и полицијата се обидуваат да спречат повторување на насилствата од 6 јануари.

Во последните денови се засилени безбедносните мерки откако ФБИ предупреди на можни протести во Вашингтон, како и пред собранијата на сите 50 држави во САД.

Мали групи на демонстранти од неколку десетици луѓе вчера демонстрираа и во некои државни престолнини.

Поради заканата дека екстремистичките групи ќе се соберат пред државните собранија низ целата земја, некои гувернери одлучија да воведат силни безбедносни мерки.