„Фаворитката“, „Студена војна“ и „Крадци“ на менито на „Синедејс 2018“  

„Догмен“ на режисерот Гароне, „Фаворитката“ од Лантимос, последниот филм на Спајк Ли – „Црниот член на ККК“, „Крадци“ на Коре-еда и новото црно-белото остварување на Павликовски „Студена војна“ се дел од филмската гала програма за овогодинешниот фестивал„Синедејс“, кој ќе се одржува 8 до 18 ноември во „Фросина“, Џебното кино во МКЦ и во „Милениум“.

Целата гала програма ќе има 21 филм и ќе изобилува со врвни режисерски имиња и наградувани филмови на фестивалите вo Кан, Сан Себастијан, Венеција, Берлин, Ротердам…

Фестивалот повторно е поделен на неколку програмски целини како Официјална селекција, CineBalkan, Музички документарци, МК во ЕУ програма, Ретроспектива на Милош Форман, ЕYE ON FILMS, МК – кратки филмови, Студентска програма, Детска програма, special screenings и придружна програма од работилници, но и богата музичка селекција преку CineMusic.

Во двете натпреварувачки програми – Oфицијалната и Програмата на балкански филм (СинеБалкан) ќе има вкупно 14 филмови, а за наградите ќе одлучуваат две меѓународни жирија. Меѓу осумте во Официјалната е и победникот од Берлин 2018 – „Не допирај ме“.

На фестивалот ќе се одржи и премиерата на филмот „Хеј“ на македонскиот режисер Васил Христов, кој ќе го затвори „Синедејс 2018“ на 18 ноември.

Седумнаесеттиот „Синедејс“ ќе се одржува под мотото „Збогати се преку ноќ“.

Билетите во продажба ќе бидат пуштени утре, а оваа година може да се купат и онлајн преку линковите што се достапни на веб-страницата на МКЦ.