Фаучи: Средношколците во САД ќе бидат вакцинирани до есен

Средношколците во Соединетите Американски Држави (САД) треба да ги добијат своите вакцини против Ковид-19 до есен, додека имунизацијата за помладите ученици би можела да почне на почетокот на 2022 година, изјави синоќа експертот за имунолошки заболувања, Ентони Фаучи.

„Предвидуваме дека средношколците најверојатно ќе се вакцинираат до почетокот на школската година на есен, можеби не до првиот ден, но дефинитивно во раната есен“, рече тој.

Фаучи додаде дека учениците во основните училишта низ земјата најверојатно ќе можат да почнат да ги примаат вакцините во првата четвртина од следната година, откако студиите за безбедност ќе бидат завршени.

 

Во моментов вакцините на Модерна и Џонсон и Џонон имаат дозвола да се употребуваат само на лица над 18 години, додека вакцината на Фајзер има дозвола за употреба кај луѓе на 16 години и повозрасни.

Додека во тек се дополнителни студии, се очекува вакцините да добијат дозвола и за помладите, доколку се покаже дека тие се безбедни и ефикасни кај младите и децата.

Во најголемиот број сојузни американски држави носењето одлука за отворање на училиштата се носи на локално ниво. Ајова, Арканзас, Тексас и Флорида одлучија нивните училишта да останат отворени, додека во Западна Вирџинија во училиште одат само децата од основно одделение.

Фаучи во интервјуто за Си-Би-Ес потврди дека Центарот за контрола на заразни болести во следниве неколку дена ќе објави нови препораки во кои за луѓето кои се вакцинирани ќе има поолабавени рестрикции. Сепак тој порача дека и понатаму мора да продолжи будноста кај населението и почитување на основните мерки, бидејќи преку 80% од населенито и понатаму не е вакцинирано.

„Се движиме во добар правец, само треба да издржиме уште малку. Сакаме да го спуштиме нивото на смртност од вирусот многу, многу ниско и тогаш ќе имаме многу полесен пат кон враќање во нормала“, рече Фаучи.