Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи одржа инспиративен говор во ЕУ Инфо центарот по повод Меѓународниот ден на жената.
На трибината „Да направиме нештата да се случат – економските, политичките и социјалните достигнувања на жените и нееднаквостите кои останува да се поправат“, Фетаи зборуваше за детството поминато во конзервативна средина, за бракот на млади години, за традициите и ограничувањата кои некогаш стоеја пред жените и за нејзината храброст да ги надмине и да остави белег во општеството.
Во продолжение, Радио МОФ интегрално го пренесува нејзиниот говор.
Цврсто сум убедена дека вложувањето во себе, во вашето образование, во изградба на вашата личност е најголемата инвестиција.
Родена сум како трето дете. Првото е машко, се разбира. Второто е сигурно женско, а анализирајќи го третото, повеќе потсеќа на првото. Во село Неготино, Гостиварско, го поминав детскиот живот и основното образование кое траеше пократко од тогаш предвиденото време од осум години, а во средношколските денови, во Боговиње, Тетовско, таму всушност созреав, бидејќи се заљубив во едни сини очи. Стапив во брак на 17 години, кој брак сè уште е и на правна и на фактичка сила. А и бојата на очи е иста сè уште.
Сепак, иако многу млада одбрав да стапам во брак, цврсто бев убедена дека поседувам потенцијал да бидам свој човек и на професионален и на личен план. Свесна бев со какви потешкотии ќе се соочам, имајќи ја предвид средината во којашто израснав, а потоа и се омажив, свесна дека моите родители потекнуваат од работничко семејство и освен нивната максимална психичка поддршка, немав никаков ветер во грб, туку целиот ветер беше во гради.
Меѓутоа, и тогаш како и сега, бев цврсто убедена дека нема да отстапам по било која цена и дека некогаш ќе оставам некаква трага во општеството од професионален аспект. Можеби ова беа преголеми амбиции, меѓутоа таква сум по природа и лично сметам дека човек кој нема амбиции, не може да има реализација на професионален план.
Како што наложуваа приликите во опкружувањето во коешто станав сопруга или невеста како што викаат кај нас, мојот брачен живот започна со носење на традиционална облека, димии ако сте слушнале, со бакнување рака на повозрасните жени и некако сериозно ја започнав кариерата на „домаќинка“ пошто исто така влегов без многу калкулации, меѓутоа брзо се предадов, токму поради претходно наведените причини.
Животот по кој копнеев како дете, животот на една млада, образувана, успешна жена со семејство коешто ќе стои позади нејзе ми беше врвен идеал. Одлучив јас да го водам животот, не животот мене. Всушност сакав да си покажам и самата себеси, но и на другите дека една жена, дури и во една таква прилично конзервативна средина… замислете во тој период дури и управувањето со возило од страна на жена и пак носењето очила за сонце се сметаше за некаков „грев“ или за грешка… жената дури и во таква средина кога има чиста желба, мисла, трудољубивост, освен небото не постои друга граница којашто би можела да ја спречи да успее во нејзината намера.
Се запишав на Правниот факултет во Скопје како вонреден студент, по завршувањето на првите две години од студирањето се роди Дрин, мојот поголем син. Дури можам да кажам дека и тој беше некако „темпиран“ за тој да нарасне и веднаш после студирањето да можам да почнам со волонтирање со стажирање или евентуална работа по струката.
Беше прилично напорно да се носам и со домашни обврски и со мало бебе и со спремање на испити. Меѓутоа имав многу голема поддршка од мајката на мојот сопруг.
Доста често се случуваше ноќно време да учам со светло од телевизорот за да не ги разбудам сопругот и детето. По завршување на Правниот факултет, којшто исто како и основното образование временски траеше доста пократко од тогаш предвиденото време за студирање, волонтирав во Основниот суд во Тетово, положив правосуден испит и тогаш веќе адреналинот, креативноста и желбата за правда си го направија своето.
Се вработив како стручен соработник во Апелациониот суд во Гостивар и во тој период почнав да дишам со полни гради и си го замислував денот кога ќе станам судија или јавен обвинител.
На 26-годишна возраст ме избраа за јавен обвинител во Основното јавно обвинителство во Скопје. Гледано од денешен аспект, веројатно ме посака среќата затоа што бев избрана на таа функција, бидејќи подоцна како избор на една силна и храбра жена, почитуваната госпоѓа Катица Јанева, влегов односно учествував во најголемата правна битка која досега ја имало во оваа држава.
Во оваа битка влегов со бебе од 4 месеци, мојот помал син Лео, во овој момент не го спомнувам случајно, всушност ништо не оставам на случајноста, туку да послужи како дополнително охрабрување или мотивација за сите оние жени кои во раѓањето на деца гледаат како на некаква пречка за нормален тек или напредување во кариерата којашто си ја замислиле.
Она што се случуваше од мојот избор во Специјалното јавно обвинителство до денешен ден претпоставувам дека веќе ви е познато од секојдневните пишувања.
Тука би завршила со мојата лична приказна со една порака којашто сакам да ја упатам. Според мене, не треба да се трудиме да бидеме подобри од другите. Секогаш треба да се трудиме да бидеме најдобрата верзија од самите себеси.