Фатих Акин, режисер: Најдобрите нешта што можат да му се случат на човекот се различните искуства

Денешниот фестивалскиот ден на „Браќа Манаки“ поминува во знакот на средбата со славниот режисер Фатих Акин и неговиот кинематографер Рајнер Клаусман. Синоќа во Центарот за култура во Бигтола се одржа специјална проекција на најновиот филм на Аткин – треш-хоророт „Златна ракавица“, а денес заедно со Клаусман одржаа и мастер клас.

Околу 200 присутни можеа да ги слушнат мислењата на Акин и Клаусман и да дебатираат со нив за нивниот најнов филмски наслов.

Акин објасни дека филмот го снимал според романот. Инаку, настанот со серискиот убиец во Хамбург се случувал во соседството на Аким, а неговиот чичко му бил прв сосед на Франц Хонка.

„Не го сакам холивудскиот стил на претставување на сериските убијци како секси и интелигентни. Прашував психолог што имало во главата на овој убиец, а тој ми одговори – ништо“, објасни Акин.

Фатих Акин

Акин и Клаусман објаснуваа и детали за сценографско-кинематограферско-режисерските решенија околу стеснетиот простор на руинираниот тавански стан во кој главно се одвива хоро-драмата во „Златна ракавица“.

„Сценографското решение за големината на станот е за околу 1 метар пошироко од оригиналниот, меѓутоа како што ги снимавме сцените, така го стеснувавме просторот со поместување на ѕидовите“, појасни Акин.

На прашањето како ја објаснува индиферентноста на околината на серискиот убиец и можноста тој да делува цели 5 години, и дали таков случај може да се повтори денес, Акин вели дека верува дека може.

„Приказната хронолошки започнува во 1968 година, тоа е таа бунтовна генерација, меѓутоа само во круго на факултетски образувани млади луѓе и интелектуалци. Во оваа сторија имаме ниска класа која е потоната во алкохолизам во намерата да се заборави минатото и Втората светска војна. Јас и ден денес живеам во истиот тој кварт, за разлика од порано, кога беше третиран како гето на имигранти, денес е фенси дел од Хамбург. Тогаш никој не би се осврнал на примедбите на турските гастарбајтери дека нешто ужасно смрди во соседниот стан, бидејќи тогаш би им рекле дека самите Турци смрдат“, раскажа Акин.

Режисерот моментално работи на мини-серија за животот на легендарната актерка во Европа и Холивуд од 30-те години на минатиот век Марлен Дитрих. Тој смета дека некогаш карактерите ја водат сторијата на филмот, а некогаш приказната ги формира карактерите.

Околу искуството со работата со светската актерска ѕвезда Дијане Кругер (ја стекна славата со улогата на Елена во „Троја“) во „Од никаде“, Акин искрено вели дека таа на некој начин ја спасила неговата кариера, која во тој момент имала надолна линија. Но, од друга страна, и Акин на некој начин ја спасувал нејзината кариера во тој период.

На прашањето за насилството во неговите филмови, Акин вели дека тоа не може да се избегне како сеприсутно во нашето окружување, кој посочува дека како млад човек сакал гангстерски филмови.

Секој режисер на почетокот мисли дека е најдобар, и тој егоизам не е лоша работа, бидејќи потекнува од неговиот начин на живот во младоста, неговите пријатели. Во младоста имав други инспирации, денес имам други, вели Акин.

Тој во филмот влегол како актер, па продолжил како сценарист, режисер и продуцент. Кога имал 21-22 години се запознал со Клаусман кој се обидувал да направи актерска кариера во средината на 90-те години.

Акин и Клаусман имаат снимено 8 играни филмови како тандем, почнувајќи од „Солино“ во 2002 г. Со „Со глава низ ѕид“, „Работ на рајот“, „Соул кичен“, „Раз“, „Збогум Берлин“ и „Од никаде“. Акин како режисер освојуваше награди на престижните фестивали во Венеција, Кан, Берлин… Клаусман, пак, е многу добро познато име во светот на кинематографијата со „Падот“ на Оливер Хиршбигл (сторија за последните денови на Хитлер со извонредниот Бруно Ганц). Последнава деценија и пол снима само со Акин. Во 2017 година ја доби „Сребрената камера 300“ на „Браќа Манаки“ за „Од никаде“, а минатата година беше член на жирито за филмовите во натпреварувачката категорија.

Клаусман, сеќавајќи се на нивната прва соработка вели дека забележал оти Акин бил многу бистар како актер и брзо работел.

Но, нивната прва заедничка работа како тандем режисер-кинематографер се случила на снимањето на третиот автоски филм на Акин, „Солино“.

„Мене ми е многу битно да работам според мојот ритам, а Акин беше многу љубопитен за сè околу камерата и бргу учеше“, вели Клаусман.

На прашањето како тече нивниот прв ден на снимање, Акин и Клаусман велат дека многу брзо се согласуваат околу евентуалните измени на сетот.

„Пријателството со Клаусман трае многу долго, ние сме како во брачна релација. Сакам да учам нови работи, сметам дека најдобрите нешта што можат да му се случат во животот на човекот се различните искуства. Кога романот „Чик“ стана бестселер, многу сакав да го екранизирам, но филмскиот проект со наслов „Збогум Берлин“ веќе имал режисер. Меѓутоа, шест недели пред да започне да се снима, режисерот отпаднал, па ме ангажираа мене. Филмот веќе имал формирана креативна екипа, се друг кинематографер. Почнав да го снимам, но по три недели и по сложена правна постапка – бидејќи договорите беа потпишани – успеав да го добијам Клаусман како кинематографер во екипата. Убаво е да си „во брак“ со Клаусман“, низ смеа објаснува Акин.

Денеска во рамки на фестивалот се одржаа и неколку прес-конференции со кинематографите и режисерите на филмовите кои вчера се прикажуваа.

Директорката на фестивалот и селектор на Докментарната програма, Гена Теодосиевска ги претстави режисерот Арто Халонен и Јонас Пулканен , кинематографер на документарниот филм „Назад кон светлина“. Филмот раскажува приказна за трговија со луѓе, пренесена преку Мариса, девојка која аплицира во адвокатска канцеларија за работа, а одеднаш завршува во Тунис. Едно потресно сведоштво за искуството на девојката киднапирана од човек кој тоа го сторил повеќе од десет пати во Финска и ги носел девојките во Тунис каде ги претворал во сексуални робинки.

Од програмата „Европски перспективи“, селекторот Слаѓан Пенев ја претстави екипата од филмот „Отворена врата“: Севдије Кастрати, Влатко Стојчевски и Феми Даут. Филмот е копродукција меѓу Македонија, Албанија, Косово и Италија и го прикажува животот во традиционалното општество во овој регион, кој се’ уште живее со навики кои не им даваат глас на жените, но сега тоа се менува.

„Аплициравме три пати во Македонската агенција за филм  и три пати бевме одбиени за финансиска поддршка, но албанскиот продуцент имаше потреба од земја која ќе биде достапна преку „Еуроимаж“, бидејќи Косово не можеше да аплицира, па ме замоли ако може да се приклучам. Оттаму ја добивме поддршката за реализација на филмот, помогнавме да се обезбеди финансирањето, а дел од буџетот кој го добивме го искористивме за да ги поддржиме македонските соработници Феми Даут, Висар Вишка и звукот беше изработен од македонски соработници на Игор Поповски и Ален Пејовски изработи музичко парче за крајот на филмот. Досега сме работеле копродукција со Хрватска-еден музички документарец кој наскоро ќе биде прикажан“, раскажа Стојчевски, кој е продуцент на филмот.

Феми Даут се задржа на искуството од снимањето на филмот „Отворена врата“.

„Во филмот има многу кадри снимени во автомобил, на фрекфентни улици, имаше интересни случки со малото дете кое глуми во филмот, па честопати имаше и незгоди, но целата екипа беше како едно големо семејство“, рече Даут.

Кинематографер на филмот е Севдије Кастрати, која веќе 10 години живее во Лос Анџелес. Таа втор пат е на ИФФК „Браќа Манаки“, минатата година учествуваше со косовскиот филм „Брак“ и рече дека „местото на кое е сниман филмот-на брегот на Охридското езеро од албанската страна е многу убав, прекрасен предел, каде не би требало да се случуваат лоши работи, но реалноста е поинаква“.

Претставник на фимот „Додека паѓам“ беше кинематограферот Ивар Таим, кој истакна дека „иако  досега сме виделе многу филмови кои говорат за зависност од дрога“ овој филм, за него, бил посебен.

Марија Апчевска, ја претстави кинематограферката Констанца Сандовал, која пристигна на фестивалот од Аргентина, а која работела на краткиот филм „Чудовишен господ“

До крајот на денот ќе бидат прикажани: „За сама“, „Керол“, во чест на Едвард Лакман, потоа  „Вера“, „Свиркачите“, „Новиот живот“, „Бел, бел ден“, „Куќата на Ага“, „Тетовирање“, „Состаноци на слепо“, како и филмовите од програмата „Мак поинт“ и  Студентската програма.