„Фанфари за еден пријател“, концерт посветен на Саша Николовски – Ѓумар

„Фанфари за еден пријател“ е насловен концертот кој ќе се одржи в четврток во 20 часот, кој Филхармонија му го посветува на маестро Саша Николовски-Ѓумар (1966-2017), еден од најзначајните диригенти на нашата музичка сцена со кого оркестарот реализираше низа незаборавни концерти.

Диригент е Габриел Бебешелеа, а на програмата се дела Копланд, Дика, Гуно, Шмит, Штраус и младиот македонски композитор Ангел Спироски.

Маестро Бебешелеа е шеф-диригент на Филхармонија на РС Македонија. Неговата репутација брзо почнала да расте по воодушевувањата од страна на критиката и публиката за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кој ги предводи оркестрите. Во моментов живее во Виена, каде што ги заврши постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности.

На концертот „Фанфари за еден пријател“ ќе се промовира серијата „Пред концертни разговори“ како нова практика на Филхармонија.

Идејата потекнува од новиот шеф -диригент, маестро Габриел Бебешелеа чија цел е преку овие разговори пред почетокот на концертите да ја запознае публиката со делата кои ќе одат на програмата, како и со естетскиот и филозофскиот контекст на самите композиции.

„Пред концертни разговори“ ќе се реализираат во рамки на концертите со оркестарот на Филхармонија кои ќе ги води маестро Гарбриел Бебешелеа.