Facebook овозможува криење на сите објави на бившите за раскинувањата да бидат полесни

Новата алатка на Facebook овозможува никогаш повеќе да не гледате што се случува со вашиот поранешен партнер откако ќе раскинете.

Социјалната мрежа најави дека ќе ја тестира оваа нова алатка за мобилните корисници, најпрво во САД, велејќи дека „сакаат да им помогнат на луѓето кои можеби поминуваат низ тешки моменти во животот“.

Една од првите опции на Facebook беше можноста да се додаде статус на врска, со што им давате до знаење на другите дали сте слободни, во врска или пак „е комплицирано“.

Но, кога станува збор за раскинување, овој медиум е веројатно најлошото место на кое може да се биде, со оглед на тоа што промената во врската е видлива за сите, а на News Feed сé уште гледате што се случува со животот на поранешниот љубовен партнер. Многумина поради тоа одлучиле да ги избришат бившите од листата на пријатели.

За да ги направат раскинувањата полесни, од Facebook велат дека ќе им понудат на корисниците можност да ограничат колку често ќе го гледаат бившиот на News Feed, по промената на статусот на врска.

Тоа значи дека нема да гледате нови објави од нив и тие нема да бидат понудени како предлог кога почнувате нова приватна порака или означувате пријатели на фотографии.

Освен тоа, ќе можете да ги сокриете вашите нови објави од поранешниот партнер, како и да го тргнете „тагот“ од заеднички фотографии со него.

„Facebook е место за споделување на важните моменти во животот, а за многу луѓе тоа ги вклучува и љубовните врски. Кога една врска завршува, луѓето имаат прашања за можностите кои им се достапни на Facebook“, вели менаџерот на производи на Facebook, Kelly Winters.

Сепак, не е јасно колкумина би ја користеле оваа нова алатка, пишува Telegraph. Според студија од 2012 година, 88 посто од луѓето на Facebook ги „демнат“ своите бивши, а истражувачите дури и тврдат дека тоа може да ви помогне да пребродите тешко раскинување.