Facebook направи соларен дрон кој треба да обезбедува бесплатен интернет

Facebook планира да започне со тестирање на беспилотното летало, кое е наменето да обезбедува бесплатен пристап до интернет во оддалечени области, неколку месеци.

Facebook неодамна го претстави неговиот прв дрон со назив „Aquila“ („Орел“), кој користејќи соларна енергија ќе биде во можност да лета без слетување во наредните три месеци и со помош на ласерски зраци ќе ги испраќа податоците до базна станица на површината.

Компанијата планира да користи поврзана мрежа на беспилотни летала за да им обезбеди бесплатен пристап до интернет на големите рурални средини. Сепак, Facebook нема да работи директно со клиентите, наместо тоа, компанијата ќе склучува договори со локални интернет провајдери на кои ќе им ги понуди услугите.

Заменик-претседателот на одделот за инженеринг Jay Parikh, изјави:

„Нашата мисија е секој да го поврземе со светот. Ова ќе биде одлична можност за нас да ја мотивираме индустријата да се движи побрзо кон оваа технологија“.

Facebook соопшти дека ќе го тестира дронот кој има распон на крилата како на моделот Boeing 737, во САД кон крајот на оваа година. Авионот ќе оперира на височина помеѓу 18 и 25 километри, поголема од онаа на комерцијалните авиони, така што нема да бидат погодени од разни временски услови.

Оваа програма, која првично беше тестирана во Британија, во март оваа година, е насочена кон тоа да им се даде пристап до интернет на оние 10 отсто од населението кои немаат пристап до интернет. Таа се соочува со конкуренција од слична програма развиена од Google, која исто така, има за цел да обезбеди бесплатен интернет во рурални средини со користење на балони на хелиум. Оваа програма, наречена „Project Loon“ претставува поставување на предаватели на балони, кои ќе летаат на надморска височина слична на онаа на беспилотните летала на Facebook.