Фабрики на Н&M вработуваат 14-годишни деца во Мјанмар

Шведскиот синџир продавници за облека, кој поседува фабрики во Мјанмар, вработува деца на 14 години кои работат дури и по 12 на ден, според книга која треба да биде објавена во Шведска наредната година.

„Го вработуваат секој кој сака да работи“, вели Зу Зу, една од девојките која почнала да работи кога имала 14 години, во книгата „Робови на модата“.

Авторите Моа Карнстранд и Тобиас Андерсон Акерблом се сретнале со 15-годишни девојки кои работеле до 22 часот, со што се прекршуваат законите на Мјанмар и интернационалната конвенција за труд. Девојчињата работеле за две фабрики, Myanmar Century Liaoyuan Knitted Wear и Myanmar Garment Wedge, и двете близу до главниот град Јангон.

Од H&M велат дека започнале акција во двете фабрики за тоа колку од нивните вработени работат легално и прекувремено, откако дознале дека група деца на возраст од 14 до 17 години работат прекувремено уште од 2013 година.

„Кога работат деца на 14-18 години не станува збор за принудна работа, според интернационалните закони. H&M, секако, не толерира принудна работа и ропство на деца во никаква форма“, велат во соопштение.

Новите откритија повторно го отвораат прашањето за правата на децата во Мјанмар, каде британските фабрики како Marks & Spencer, Tesco, Primark и New Look имаат претставништва со години.

Еринч Сахан од хуманитарната организација Оксфам, која спроведувала истражување за работните услови во мјанмарските фабрики минатата година, вели дека не открила ропство на деца, но има многу случаи на принудна прекумерна работа и ниски плати.

„Не сум многу изненадена што овие проблеми се случуваат, со оглед на размерот на злоставување и лоша состојба на работниците во Мјанмар“, вели Сахан.

Минатата година, владата на Мјанмар постави минимална плата од 3600 кјати (2,66 евра) за осумчасовна дневница, што е една од најниските во светот.