Евростат: 65 отсто од Македонците не можат да си дозволат годишен одмор

Една третина од популацијата на Европската Унија (32,9 отсто) не можe да си дозволи годишен одмор во странство, покажуваат податоците на Евростат објавени на почетокот од месецов.

Македонија и Србија се наоѓаат на врвот на листата од државите кои не се во ЕУ. Според податоците, речиси две третини од Македонците, односно 65,3 отсто не можат да си дозволат годишен одмор во траење од седум дена во странство, а во Србија процентот изнесува 62, 8 отсто.

На листата е најдобра Норвешка, каде само шест отсто од жителите не можат да си дозволат седумдневен годишен одмор во странство. Зад неа е Шведска со 8,2 отсто, па Швајцарија со 8,9 проценти во 2016 година.

Од членките на ЕУ, најлоша е ситуацијата во Романија каде што две третини од населението не може да си дозволи седумдневен одмор во странство. Потоа следува Хрватска каде 61, 2 отсто од населението не може да си дозволи да отпатува една недела во странство.

Сепак, процентот на оние кои не можат да си дозволат еднонеделен одмор во странство во земјите во ЕУ е во пад. Ако во 2011 година просекот бил 38 отсто, во 2016 е 32, 9 отсто.

Во Турција, според последните достапни податоци од 2015 година, дури 71,5 отсто од населението нема пари за седумдневен одмор во странство.