Европските здруженија со кампања новинарите да бидат признаени за „неопходни работници“

Европската федерација на новинари во партнерство со своите членки во Северна Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора, Србија и Турција од регионов започнаа кампања на социјалните мрежи наречена #НеопходниРаботници (#EssentialWorkers), преку која сакаат да ја подигнат јавната свест за потребата новинарите да бидат сметани за „неопходни работници“.

„Пандемијата со Ковид-19 во регионот за многу новинари значеше подолго работно време, помали плати, ограничување на патувањата, недостаток на заштитна опрена и здравствено осигурување што уште повеќе ги изложуваше на вирусот. Додека некои влади решија да ги катергоризираат новинарите како неопходни работници, заедно со здравствените и социјалните работници, учителите, прехранбената индустрија, други не направија ништо во таа насока. Статусот на „неопходни работници“ на новинарите им дава пристап до некои бенефиции како што се: слобода на движење, платено боледување, заштитна опрема, финансиска компензација и слично“, соопштија од Европската федерација на новинари.

Од организацијата додаваат дека новинарите се клучни како за здравјето и безбедноста на популацијата, така и за демократијата. Тие го ризикуваат своето здравје за да ги информираат граѓаните. Преку оваа кампања, новинарските синдикати и здруженија сакаат да потсетат дека зад екраните на луѓето и зад информациите кои ги листаат повеќе пати на ден, новинарите и медиумските работници работат напорно, во тешки услови, за да ја информираат јавноста на најдобар можен начин.

Генералниот секретар на ЕФН, Рикардо Гутиерез ги повика сите европски влади да ги прогласат новинарите за неопходни работници и да им овозможат соодветна компензација.

„Новинарите беа клучни во одговорот на властите на Ковид-19. Тие потврдуваа информации, бараа одговорност од функционерите, истражуваа многу аспекти на пандемијата, интервјуираа експерти. Информативните медиуми станаа суштествен јавен сервис кој доживеа огромно зголемување на восприемање вести. Ова мора некако да биде адресирано“, вели Гутиерез.

Кампањата е координирана од Европската федерација на новинари во рамки проектот на УНЕСКО „Градење доверба во медиумите во Југоисточна Европа и во Турција“ финансиран од ЕУ во партнерство со членките на ЕФН од Албанија (АПЈА), Босна и Херцеговина (БХ новинари), Косово (АЈК), Црна Гора (СМЦГ), Северна Македонија (ССНМ), Србија (СИНОС и НУНС) и Турција (ТГС).