Европските разузнавачки агенции соработуваат со британската за следење на комуникациите

Разузнавачките агенции на Германија, Шпанија, Франција и Шведска спроведуваат масовно следење на комуникациите во соработка со Велика Британија, пишуваат лондонските медиуми.

Европските разузнавачки агенции соработуваат со британската за следење на комуникациите

Главниот британски центар за прислушување на комуникациите GCHQ, кој е поврзан со американската безбедносна агенција НСА, има водечка улога во помагањето на другите земји во нивното настојување да се одбегнат законските блокади против шпионирањето.

Разузнавачките агенции во земјите на ЕУ забрзано прераснуваат во алијанса која ги надгледува комуникациите, со контрола на фибер-оптичките кабли и со тајно соработување со компаниите за комуникации.

Според медиумите, Британците претходно им помагале на германските разузнавачки агенции при измените или при заобиколувањето на законските прописи, овозможувајќи им легалност при пресретнувањето на телефонската и интернет комуникацијата.

Откривањето на соработката на европските разузнавачки агенции со британската, во следењето на комуникациите, доаѓа по гневната реакција, пред се, на Германија и Шпанија околу откритијата на поранешениот соработник на НСА, Едвард Сноуден за тоа дека Американците во своето следење на комуникациите ги прислушувале и телефонските разговори на германската канцеларка Ангела Меркел.

Меркел остро реагираше кај американскиот претседател Барак Обама, а Владата во Мадрид го повика амбасадорот на САД за да му врачи протестна нота за следењето на комуникацијата на шпанските граѓани.

Лондонските медиуми тврдат дека сите овие четири европски земји се вклучени во работата за која ја осудуваат НСА, а дека Шведска успеала да создаде најдобро законодавство кое овозможува „легализирање“ на надгледувањето на комуникациите.