Европскиот Парламент гласаше против контроверзните предложени измени на авторските права во Европската Унија, кои активистите ги критикуваа како обид за цензура на слободата на изразувањето.
Законот сега ќе биде одново разгледуван и дебатиран во комисиите на Европарламентот, кога се очекува активистите да ги отстранат спорните два члена – 11 и 13.
Членот 11, кој е насочен кон бизнис моделите на агрегаторите на вести, со воведување на давачка која критичарите ја нарекуваат „данок за линк“.
Членот 13 ги прави интернет платформите одговорни за нарушување на авторските права од страна на нивни корисници, што платформите практично ќе ги принудува кон филтрирање на сите содржини кои се прикачуваат на нив, со сите потенцијални нарушувања на слободата на изразувањето.
Измените на авторските права наидоа на многу критики. Против нив се изјаснија и основачот на Википедија, Џими Велс и пронаоѓачот на „World Wide Web“ Тим Бернерс-Ли.
Во протестите против измените претходниве денови се приклучија верзиите на Википедија на италијански, шпански и полски јазик, кои привремено го блокираа пристапот и ги затемнија своите страници.
Шпанската страница на Википедија во пораката до корисниците посочува дека „доколку предлог-законот биде одобрен онака како што гласи во моментов, тоа ќе ги усложни активностите како споделување на вест на социјалните мрежи, или пристап до вестите преку платформа за пребарување“.
Посетителите на Википедија во повеќето држави од Европската Унија ги дочекуваше порака со која се повикуваат во одбрана на отворениот интернет, против контроверзниот предлог-закон. Во пораката корисниците се повикуваат да се обратат до нивните европратеници и да го изразат нивното несогласување со мерките кои критичарите ги опишуваат како „машини за цензура“, предупредувајќи дека таквите законски промени ќе „ја намалат вредноста, културата и екосистемот на кој е заснована Википедија“.
Од Европската Комисија посочуваат дека онлајн енциклопедиите, како Википедија, нема да бидат засегнати од членот 13 од новиот закон. Според Комисијата, членот е насочен кон платформите кои складираат или овозможуваат пристап до големи количини на содржини со заштитени авторски права, прикачени од корисници кои немаат права на тие содржини.