Европскиот младински форум ја поздрави иницијативата за Национален младински совет во Македонија

Европскиот младински форум (ЕМФ) во својот последен Youth policy newsletter го поздравува почетокот на консултациите на национално ниво за основање на Национален младински совет (НМС) во Македонија.
Форумот верува дека независна младинска платформа е од огромно значење за младинските организации за да се создаде независен и силен глас за младинските прашања.
Освен учествувањето во форумот за дискусии, Националниот младински совет би се залагал за да се покренат овие прашања и ако тоа е успешно би имал политичко влијание преку пренесување на јасни пораки до политичките актери.
Во делот од известувањето на ЕМФ посветен на Македонија, пишува:

„Оваа земја е една од оние со најмладо население во Европа и е една од неколкуте земји во регионот без Национален младински совет. Такво тело би овозможило платформа за покренување на прашања поврзани со младите во Македонија.
Иако една четвртина од населението во земјата е на возраст од 15-26 години, стапката на невработеност на младите е речиси двојно поголема од просечната стапка на невработеност во земјата, па младите може да се гледаат како маргинализирана социјална група, се вели во текстот на ЕМФ.

Овој финален чекор го водат 16 организации кои се членови на иницијативниот одбор формиран пред неколку месеци со цел да се основа Национален младински совет во Македонија. Основањето на НМС има неколку придобивки за младите во Македонија, вклучувајќи и капацитет на младинските организации да осигурат развој на соодветни системи за поддршка на младите, нивните интереси идеи и нивниот развој. Заклучокот од консултацијата и дебатите со младите од разни организации ќе се вклучи во финалниот развој на НМС и ќе доведе до негово формално основање“, велат од Европскиот младински форум.