Европскиот ден на националните паркови – Македонија има три

Светската организација за заштита на природата WWF на Европскиот ден на парковите што се одбележува денеска, ги повика луѓето да се поврзат со природата и да ја сфатат важноста на заштитените подрачја и биолошката разновидност, како и да се изнајдат добри примери за тоа како луѓето живеат во хармонија со природата.

„Заштитените подрачја се од суштинско значење за зачувување на природата, обичаите и традициите, како и населението што живее таму”, рече Касандра-Зорица Иваниќ од WWF Адрија.

„Во парковите може на најдобар начин да се види како постои соживот меѓу човекот и природата на одржлив начин, ова го покажа нашето истражување за придобивките од парковите, во кое беа вклучени 1300 луѓе од 58 заштитени подрачја во регионот.”

Во Македонија постојат три национални паркови Пелистер, Маврово и Галичица, последниот е формиран пред 60 години односно во 1958 година. Од Македонско еколошко друштво (МЕД) се надеваат дека наскоро во Македонија ќе се прогласат нови национални паркови согласно националната цел бр. 11 од усвоената Стратегија за биолошка разновидност во којашто е наведено дека моменталната површина на заштитени подрачја која изнесува околу 9% од вкупната територија на Македонија, а овој процент до 2023 година треба да се зголеми на 15%.

„Потсетуваме дека освен зголемување на заштитени подрачја важно е да постои поврзување на заштитените подрачја со коридори односно воспоставувањето еколошка мрежа како една од најефективните мерки за заштита на видовите и живеалиштата, како и мерка за ублажување (и адаптирање) на ефектите од климатските промени“, потенцираат од МЕД.