Европски суд на правдата: Времето за патување до работа да се смета за работа

Времето кое луѓето го поминуваат патувајќи со цел да ја завршат својата задача дадена од работодавецот, а притоа немаат фиксно работно место, треба да се смета како работно време, одлучи Европскиот суд на правдата.

Претходно, голем број работодавци не го сметаа ова време како работно.

Тоа значи дека компаниите кои вработуваат теренски работници како електричари, продавачи и други мобилни работници, а немаат регионални канцеларии, веројатно го кршат законот на ЕУ за регулирање на работното време.

Судот соопшти дека причината за ваквата одлука е со цел да се заштити здравјето и безбедноста на работниците, во согласност со европската директива за работно време.

Директивата е направена за да ги заштити работниците да бидат експлоатирани од работодавците, а се основа на регулативи кои се однесуваат за тоа колку долго работи личноста, колку паузи има и на колкав одмор има право. Една од главните цели е да се намали бројот на работници кои се приморани да работат повеќе од просечните 48 часа.

„Фактот што работниците го почнуваат и завршуваат патувањето на прагот на нивните домови произлегува директно од одлуката на нивниот работодавач да ги затвори регионалните канцеларии, а не од желбата на самите работници“, се вели во пресудата.