Европски Парламент: Македонија на дното на Западен Балкан по медиумските слободи

Македонија е последна од земјите на Западниот Балкан по почитување на медиумските слободи, се наведува во последниот брифинг на Истражувачкиот центар на Eвропскиот парламент за мај.

Во документот се анализираат трендовите на слободата во медиумите кај аспирантите за членство во Европската Унија од регионот. Покрај за Македонија, изнесени се актуелни податоци и за состојбата со медиумите во Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово и Црна Гора.

„Трендот на ерозија на медиумските слободи е особено видлив во Македонија, која има најголем пад во рангирањето на медиумските слободи“, стои во извештајот.

Како главни причини за лошата медиумска клима во целиот регион се наведени слабата имплементација на законите, клиентелизмот, медиумското сопствеништво, зголеменото насилство врз новинарите, клиентелизмот, политизацијата и корупцијата и недостигот на политичка волја за промовирање на медиумскиот плурализам и независност.

„И покрај одредено ниво на подготвеност и широко развиената правна рамка, земјите аспиранти продолжуваат да се соочуваат со системски недостатоци кои бараат долгорочни, одржливи напори. Овие напори запреа последниве години, резултирајќи во „нема прогрес“ ситуација“, стои во оцената на медиумската слика за регионот, повикувајќи ги земјите да создадат поволна клима за работа на медиумите, погодна за објективно и точно известување.

Во делот наменет за Македонија, како предизвици се наведени измените на медиумските закони кои се дел од ургентните реформски приоритети, неопходни за излезот од политичката криза, а се истакнува и проблемот на сопствеништвото во медиумите – каде некои телевизиски станици и весници се во сопственост на индивидуалци кои се во тесни врски со власта.

Извештајот повикува на проактивна улога на професионалните организации и саморегулаторни тела, подобрување на ефикасноста на судскиот систем, политичка посветеност и поголема улога на граѓанското општество, каде на долг рок сите заедно треба да придонесат за подобрување на медиумската клима.