Европски градови без автомобили: Места каде владеат тишината и пешачењето

Во време кога сме навикнати на постојаната бука од автомобили и сирени, вистинската тишина станува реткост која најчесто ја цениме дури кога ќе се оддалечиме од градскиот метеж. Но, покрај тишината, градовите без автомобили нудат и слобода за безгрижно движење – без страв од сообраќај и без постојано размислување за преминување улица.

Во Европа постојат неколку места каде автомобилите речиси и да не постојат, а животот се одвива со пешачење, велосипед или по вода.

Еден од најдобрите примери е Љубљана во Словенија, каде пешачката зона се простира на околу 20 хектари и се смета за една од најголемите во Европската унија. Процесот на затворање на центарот за автомобили започна во 2007 година и постепено се прошируваше. Денес посетителите можат да ги разгледуваат бројните кафулиња, музеи и галерии пеш или со велосипед, а достапен е и електричен туристички воз кој ги поврзува главните знаменитости.

Во Холандија се наоѓа и живописниот Гитхорн, познат како „холандската Венеција“. Во ова место со околу 2.000 жители нема автомобили, па движењето се одвива преку каналите со чамци, или пеш и со велосипед.

Посебна атракција е и италијанското гратче Чивита ди Бањореџо, сместено на врв на рид. До него се стигнува само преку пешачки мост, а влезот се наплаќа со цел да се зачува местото од ерозија.

На грчкиот остров Хидра пак, покрај автомобилите, забранети се и речиси сите возила на тркала, па главното превозно средство остануваат магарињата, коњите и пешачењето.