Лидерите на Европската Унија утрово постигнаа договор за буџет од 1,82 трилиони евра во кој е вклучен пакет за опоравување од кризата поради Ковид-19.
Договорот доаѓа по неколку дена тешки преговори околу седумгодишниот буџет и економскиот пакет кој вклучува 750 милијарди евра во грантови и кредити преку кои треба да се стабилизира европската економија.
Францускиот претседател, Емануел Макрон, одлуката ја нарече „историски ден за Европа“, додека претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, изјави дека станува збор за „добар договор“, додавајќи дека „Европа е стабилна“.
Планот за економско опоравување предвидува 390 милијарди евра грантови и 360 милијарди евра кредити, откако беше постигнат компромис со таканаречените „штедливи петмина“, петте ЕУ членки кои имаа најмногу забелешки на планот – Холандија, Австрија, Финска, Шведска и Данска.
Првично, фондот за опоравување, поддржан од Германија и Франција, предвидуваше 500 милијарди евра грантови и 250 милијарди евра во кредити.
Вчера, германската канцеларка Ангела Меркел ја потврди нејзината поддршка за „значителна сума на грантови“ кои треба да бидат распределени на државите кои се најпогодени од економските последици од пандемијата со коронавирусот.
„Тоа е одговорот кој ни е потребен во вонредна ситуација. Вонредни ситуации бараат вонредни постапки“, рекла Меркел.
Она што требаше да биде дводневен самит, прерасна во најдолгиот во историјата на Европската Унија. Преговорите првично беа планирани да завршат во саботата, но различните ставови ги принудија лидерите да продолжат со преговорите до рано утринава.
Договорот сега треба да биде усвоен и од Европскиот Парламент, кој во брз рок најави одржување на специјална пленарна седница.