Европската Унија не воведува „ковид пасоши“, но се подготвува за дополнително засилување на мерките

Европската Унија (ЕУ) нема да воведе таканаречени „ковид пасоши“ како услов за патување или влез на територијата на Унијата, ова беше одлучено од лидерите на владите на состанокот на Европскиот совет, кој заврши доцна синоќа, јавува српски „Н1“.

По четиричасовната дискусија, меѓудругото, беше заклучено дека потврдата за вакцина е медицински документ, а не патна исправа и дека не може тоа да биде услов за патување од повеќе причини, меѓу кои и тоа дека сè уште не е познато дали вакцинираните лица го шират вирусот. Втората непознаница е колку трае заштитата и можеби клучната, трета работа е дискриминацијата на луѓето кои не можат ја примат вакцината од различни причини или не им е достапна.

Иако „ковид пасошите“ сè уште нема да станат реалност, како што пишува „Н1“, Европа се подготвува за дополнителни затворања. И додека рестриктивните мерки се засилуваат долж континентот поради постојано ширење на новиот, мутиран вид на вирусот, кој лесно се пренесува лидерите во Европскиот совет сметаат дека рестрикциите се пожелни.

Тие воведуваат нови темно црвени зони за да ги обележат местата со зголемено ширење на вирусот и инсистираат на тоа дека внатрешните граници мора да останат отворени.

Сепак, се планира да се ограничат патувањата, само на оние кои се навистина неопходни, притоа зачувувајќи ја функционалноста на пазарот. Ова значи дека најверојатно ќе бидат дозволени само прекугранични работници во одредени области и транспорт на стоки. Меѓутоа, одлуката сè уште не е конечна.

Исто така, сите оние кои доаѓаат во ЕУ од странство, неопходно ќе е да имаат негативен резултат на тест за Ковид-19, кој досега не беше задолжителен на ниво на целата Унија, но повеќето земји го бараа на надворешните граници.