Европската Унија ја објави првата ЛГБТИ+ стратегија

Брисел ја објави првата стратегија за ЛГБТИ+ еднаквост во историјата на Европската Унија со која се зацртуваат клучни цели кои треба да бидат постигнати до 2025 година.

Меѓу главните заложби во стратегијата е помеѓу останатите кривични дела во ЕУ да бидат вклучени и говорот на омраза и кривичните дела од омраза, вклучувајќи ги и делата во кои мета се ЛГБТИ+ лица.

Дополнително со стратегијата се планира законска иницијатива за да се заштитат правата на овие лица со тоа што родителството и истополовите заедници ќе бидат признаени низ целата Унија. Европската Комисија планира и засилен ангажман на унијата во ЛГБТИ+ проблемите во сите надворешни односи, како и признавање на правото за апликантите од овие заедници на меѓународна заштита, пренесе Еуроњуз.

„Секој треба да се чувствува слободен да биде тоа што е – без страв од прогон. Ова се вредностите на Европа и ние стоиме зад тоа“, вели заменик-претседателката за вредности и транспарентност на Европската Комисија, Вера Јурова.

„Денеска ЕУ се става како пример кој треба да се следи во борбата за различност и инклузија. Еднаквоста и недискриминацијата се основни вредности и права во Европската Унија. Начинот на кој сме родени не е иделогоија, тоа е природа и биологија. Но, и покрај ова, дискриминацијата врз ЛГБТИ+ лицата се засили низ ЕУ последниве години“, додала еврокомесарката за еднаквост, Хелена Дали.

We will not rest when it comes to building a Union of equality.

Today, we are adopting our first-ever strategy on…

Posted by European Commission on Thursday, November 12, 2020

По усвојување на стратегијата сега секоја држава членка на ЕУ треба да развие нивни посебни акциски планови со кои ќе се борат против дискриминацијата на ЛГБТИ+ лицата и ќе промовираат еднаквост.

Предлогот на Комисијата се очекува да се соочи со отпор од дел од ЕУ членките, како Унгарија и Полска.

Стратегијата доаѓа само неколку дена откако власта на премиерот Виктор Орбан во Унгарија предложија промена на уставот со кој ќе биде забрането посвојување деца од истополови партнери.

Само последниве неколку години преку 80 општини низ Полска се самопрогласија за „ЛГБТ-чисти“, што предизвика бројни критики од Европарламентот. Истовремено предизвика Комисијата да одбие неколку апликации за грантови од овие градови, што од страна на полските власти беше оценето како „дискриминаторски“.