Европската комисија предложи регистрација и 5 евра за влез во ЕУ

Европската комисија денеска и официјално предложи воведување Европски систем за информации за патување и авторизација (ЕТИАС), со кој во иднина, македонските граѓани, но и државјаните на сите земји што имаат безвизен режим кон Европската унија, ќе мора да пополнуваат пријави каде и зошто патуваат во некоја од земјите-членки на Унијата, за што ќе мораат и да платат по пет евра.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, откако Европскиот совет и Европскиот парламент, како колегислатори, ќе го усвојат овој систем, тој би требало да стапи на сила од 1 јануари 2020 година.

Се работи за автоматизиран систем кој ќе утврди кому ќе му биде дозволено да патува во ЕУ. Предлогот на Европската комисија да се воспостави овој систем е првата испорака на акциските приоритети што се идентификувани во патоказот од Братислава.

Сите државјани од трети земји, меѓу кои и македонските, што патуваат без визи, а планираат да патуваат во Шенген-зоната во иднина ќе мора да аплицираат за дозвола за патување низ системот ЕТИАС пред нивното патување. Информациите собрани преку системот, со целосно почитување на основните права и заштита на податоците, ќе овозможат однапред проверка на потенцијалните безбедносни ризици или нерегуларна миграција во рамки на ЕУ.

Од Еврокомисијата потенцираат дека предлогот за ЕТИАС не е виза, односно повторно воведување на визен режим кон Македонија и сите балкански држави и други земји од третиот свет со кои ЕУ има договор за патување без визи. Државјаните на земјите од визната либерализација се уште ќе бидат во можност да патуваат без визи, но од нив ќе се бара, како задолжителен услов за влез во Шенген-зоната, да добијат дозвола за патување пред да отпатуваат.

Со цел да се одлучи дали да се издаде или да одбие барање за патување во ЕУ, системот ЕТИАС е планирано да спроведе предпроверки и или ќе го одбие или ќе му дозволи на патникот да отпатува во Европската унија.

Конечната одлука да сеодобри или одбие влез на патници, секогаш ќе биде на националните гранични служби, кои се спроведуваат на граничните контроли во Шенгенскиот граничен простор. ЕТИАС е дизајниран да биде компатибилен со постоечките системи и оние системи што во моментов се уште се развиваат, како што е системот за влез и излез (ЕЕС).

Клучните функции на ЕТИАС-системот ќе биде проверка на информациите доставени од страна на државјаните од трети земји што уживаат безвизен режим, како што се информации во врска со идентитетот, патните документи, информации за место на живеење, податоци за контакт и месот на престој… Преку онлајн апликација во пресрет на нивното патување кон надворешните граници на ЕУ, да се процени дали патникот претставува ризик за нелегална миграција, безбедноста или здравјето на луѓето. Овој систем ќе ја чини Унијата 212 милиони евра.

Во случаите каде што не се идентификувани проблеми или елементи кои бараат натамошна анализа, одобрението за патување се издава автоматски во рок од неколку минути откако пријавата ќе биде поднесена. Овластувањето ќе се добие преку постапка која е едноставна, евтина и брза. Имено, според Еврокомисијата, во поголемиот дел од случаите, овластување ќе се добие за неколку минути. Апликацијата за одобрение, чие поднесување нема да трае повеќе од десет минути за да се пополни и кое бара само важечка патна исправа, ќе важи за период од пет години и за повеќе патувања. За истата ќе се плаќа по пет евра и ќе важи за сите кандидати на возраст од над 18 години.