„Европска ноќ на музеите“ вечерва во Скопје

Археолошки музеј на Македонија, Музејот на Македонија и Музејот на македонската борба вечерва ги отвораат своите врати како дел од манифестацијата „Европска ноќ на музеите“, како дел од музеите во Европа кои на овој начин го слават културното наследство.

Археолошки музеј на Македонија најави дека вечерва, од 18 часот до полноќ, бесплатен ќе биде влезот за сите посетители, при што водичите нема да презентираат низ музејската поставка, а последниот термин за влез е 23:30 часот.

Вечерва во Музејот на Македонија, во 20.30 часот, ќе биде отворена изложбата „Сакралните објекти и руралната архитектура на велешкиот регион“. На триесет и седум постери презентирано е богатото архитектонско наследство на општините Велес, Чашка и Градско. Изложбата се поставува како гостување од Народен музеј Велес, во соработка на музејот со Националниот конзерваторски центар од Скопје. Автор на концепцијата за изложбата е Елица Николова, а автор на фотографиите е Дарко Николовски од Националниот конзерваторски центар.Музејот ќе биде отворен од 19 до 01 часот по полноќ и влезот ќе биде бесплатен.

Притоа посетителите ќе можат да ги погледаат и постојаните историски поставки, како и две изложби на Воениот музеј.

Кон „Европска ноќ на музеите“ се приклучува и Музејот на македонската борба, каде во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „25 години од постоењето на Најмалиот етно-музеј во светот од с. Џепчиште“. Изложбата ќе може да се посети и на 22 мај 2016 година.