Европска младинска кампања за признавање на геноцидот врз Ромите

Барањето за официјално признавање на истребувањето на Ромите за време на Втората светска војна е причината поради која International Roma Youth Network,  ја започна новата ternYpe младинска кампања, која ќе работи на полето на промена, признавање на ромскиот геноцид и локална мобилизација низ земјите на Европа.

Европска младинска кампања за признавање на геноцидот на Ромите

Четириесетина учесници од различни држави земаа учество на првата студиска сесија во рамките на третата кампања која се одржа во Европскиот младински центар во Будимпешта. После успешната интернационална Ромска младинска иницијатива „ Гледај и не заборавај “, ternYpe планира едногодишна европска кампања која има за цел,  2-ри август да биде прогласен за официјален ден на сеќавање на геноцидот на Ромите.

„Кампањата треба исто така да потсети на основните човекови права и непочитувањето на човековиот дигнитет кој можеме да го сретнеме во секојдневниот живот на Ромите“,  вели Маријана Борисова проектен менаџер на здружението „ Младинска мрежа за развој “.

Ромскиот геноцид беше главната тема на која што се разви жестока дискусија помеѓу учесниците во Будимпешта.

„За да си ги познаваш сопствените права, нема потреба да се биде адвокат бидејќи секоја држава им ги гарантира правата на своите граѓани . Секој треба да ужива во човековите права и слободи само заради тоа што е човек. Правото на живот, слобода и еднаквост како и екслузивното право на барање среќа, се права кои што,  кога ќе се навратиме назад во минатото ќе воочиме дека за време на Холокаустот како да исчезнале“, вели Мара Џорџеску од Советот на Европа.

Ирвин Мујчиќ, член на ternYpe International Roma Youth Network од Италија, истакна дека за да се разбере минатото и целата таа драма која што се случила за време на Холокаустот, потребно е да се присетиме на геноцидот на Ромите.

„Ако не научиме од минатото, грешките може да се повторат“, истакна Мујчиќ.

За време на престојот во Будимпешта, учесниците се запознаа со историјата на Ромскиот Геноцид, но учеа и како да се подигне капацитетот на соработка помеѓу младите Роми и не – Роми мултипликатори, активисти и младински организации преку развивање и поттикнување на нови и креативни методи . Преку споделување на различни искуства се пристапи кон развој на креативни разботилници кои што ќе имаат за цел, преку локални активности да помогнат да се развие свеста на младите, по што ќе следи и стратегија за борба против дискриминацијата, стереотипите, предрасудите и антициганизмот.

Сунаи Сабриоски