Европска комисија ќе му честита на победникот откако ќе се избере премиер и влада

Европската комисија (ЕК) нема да му честита на победникот на парламентарните избори во Македонија пред да се изгласа новата влада и да се именува новиот премиер, изјави портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчич за Македонската информативна агенција (МИА).

„Ве молам да имате предвид дека традиционално честитките се упатуваат откако ќе се избере нов премиер и влада“, изјави Кочијанчич.

„Изборите и нудат клучна можност на земјата да го обнови демократскиот конструктивен дијалог за надминување на долготрајната политичка криза и обединување зад заедничка цел, евоатлантска интеграција на Македонија“, претходно изјавија еврокомесарите Јоханес Хан и Федерика Могерини.

Тие исто така од Брисел ги повикаа власта и опозицијата да продложат со целосно спроведување на политичкиот договор, вклучувајќи ја и поддршката за Специјалното јавно обвинителство.

Инаку, по изборите, во земјава собраниските служби потврдија дека веќе се подготвени решенијата и документите за закажување на конститутивната седница на новиот Парламент за в петок. Конститутивна седница на новиот собраниски состав може да биде закажана најдоцна до сабота, односно 31 декември, кога истекува рокот за нејзино одржување предвиден со Уставот.

Конститутивната седница во петок ќе ја води најстариот пратеник Бранко Манојловски (пратеничка листа на ДУИ), но тогаш само ќе се верификуваат мандатите, по што седницата ќе биде прекината без да се избере претседател на Собранието.