Европратениците бараат работниците да имаат право на дигитално исклучување

Членовите на Европскиот Парламент побараа Европската Унија да вопостави право на дигитално исклучување од работата без последици.

Нивната иницијатива, која доаѓа во период кога многу работници работат од дома поради коронавирусот, минатата недела беше усвоена со 472 гласа за и 126 против.

Таканареченото „Право на дигитално исклучување“ (Right to disconnect) би овозможило работниците да можат да се исклучат од секој вид на електронска комуникација и задачи поврзани со работата (телефонски повици, мејлови, пораки и слично) по работното време, како и при неработните и слободни денови и годишните одмори. Тоа вклучува право тие да можат да ги исклучат своите електронски уреди за комуникација без да претрпат било какви последици поради тоа – како казни или откази.

За европратениците ова право е нераздвоен дел од дигиталната ера. Според нив во моментов не постои европско право кое ја регулира оваа материја, а законските одредби се разликуваат помеѓу земјите членки на ЕУ.

„Најпосле имаме ситуација во која законите биле пишувани во период кога дигитализацијата не била толку важна во нашите животи, па затоа сега е вистинското време за политички притисок“, вели за Еуроњуз малтешката европратеничка Алекс Агиус Салиба, која е предлагач на иницијативата.

За да се спречат разликите од држава до држава, европратениците бараат од Европската Комиија да предложи закон за „право на дигитално исклучување“ на ниво на ЕУ, во кој ќе бидат наведени минималните барања и услови за работење на далечина.

Од почетокот на пандемијата со коронавируст милиони вработени низ Европа беа префрлени од нивните канцеларии во своите домови. Иако мерките најпрвин беа привремени, честите пикови на заразени со Ковид-19 ги одложија плановите за враќање на работните места.

Ваквата ситуација доведе до она што европратениците во иницијативата го нарекуваат „култура на постојана вклученост“, кога работниците чувствуваат притисок цело време да се достапни за видео-повици, мејлови и други видови дигитална комуникација која често се протега и далеку по крајот на работното време. Ова води кон нарушување на рамнотежата помеѓу работата и приватниот живот на работниците, што пак наштетува на нивното ментално здравје.