Претставници на шест политички групи во Европскиот парламент овој месец потпишаа заедничко писмо до комесарот Марош Шефчович, заменик-претседател на Европската комисија за енергетската унија, Мигел Овен Кањете, Комесарот на Европската комисија за клима и енергија, и комесарот на ЕУ за политиката на соседството и проширување, господинот Јоханес Хан, барајќи поддршка за да се обезбеди спроведување на Уредбата за мониторинг механизмот (MMR), како и стратегијата за ниско-јаглероден развој и за зајакнување на соработката во областа на енергетиката во Југоисточна Европа.
Имајќи во предвид дека Енергетската заедница на ЈИЕ, со поддршка на Европската комисија, во моментов работи на мерки за стапување во сила на ММР или мониторинг механизмот, кога станува збор за страните потписнички меѓу кои и Македонија, пратениците побараа:
– Политичкото значење на овие активности да се пренесе на највисоко ниво за да се осигура дека сите административни пречки за реализација на мониторинг механизмот се отстранети;
– Европската комисија и Енергетската заедница да ги гарантираат ресурсите кои се потребни за поддршка на воспоставување на систем кој се базира на институционална рамка за да мониторинг механизмот стане реалност;
– Европската комисија ја поддржува Енергетската заедница кога станува збор за зајакнување на регионалната соработка во областа на климатските акции и транспонирање и имплементација на законодавството на ЕУ во областа клима, со што се осигурува поддршката за Регионалната пристапна мрежа за животна средина и клима (ECRAN) преку вклучување на Секретаријатот на Енергетската заедница;
– Европската комисија и Енергетската заедница искажуваат голема поддршка за популаризацијата на климатските прашања во сите релевантни министерства.”
Според Соња Ристеска од Аналитика ова е многу важен чекор од страна на Европратениците, бидејќи се искажува поддршка за енергетските прашања и климата во моменти кога фокусот е ставен на политичките превирања на Балканот.
„Ова е важно затоа што чекајќи да ги решиме политичките проблеми во нашите држави, ќе не навјасаат климатските промени чии што последици се непоимливи. Што порано започнеме со постепена дејаглеродизација на нашите општества тоа подобро за целата Европа. Тоа овие Европратеници го препознаа“, вели таа.
Писмото беше потпишано од Тања Фајон, Тонино Пицула и Анелизе Додс (S&D), Улрике Луначек, Клод Турмес и Бенедек Јавор (Зелените/ЕФА), Едуард Кукан и Алојз Петерле (ЕПП), Моника Маковеј (ECR) и Димитриос Пападимоулис (GUE/NGL).