Европол: Десет илјади деца бегалци исчезнале во Европа

Најмалку десет илјади деца бегалци, кои не биле придружувани од своите родители исчезнале откако стигнале во Европа, соопшти европската полициска агенција Европол.

Како што пишува британскиот весник „Гардијан“, има сомнежи дека голем број од нив се во рацете на организирани криминални групи за трговија со луѓе.

„Само во Италија исчезнале пет илјади деца, додека во Шведска илјада деца се водат како исчезнати“, вели за Гардијан директорот на Европол Брајан Доналд кој појаснува дека децата исчезнале откако претходно биле регистрирани од државните власти.

„Не е претерано да се каже дека во моментов трагаме по повеќе од десет илјади деца. Сите тие нема да бидат искористени за криминал, некои од нив се можеби предадени на членови на нивните семејства. Но ние не знаеме каде се тие, што прават и со кого се“, вели Доналд.

Лани во државите од Европската унија без родители влегле 26 илјади деца.