Европејците отворени за прием на Украина во Европската Унија, но не и за Западен Балкан

Европејците генерално се отворени за идејата Украина да влезе во Европската Унија (ЕУ), и покрај трошоците и ризиците, но истражувањето објавено од Гардијан покажа дека тоа не е случај кога станува збор за Грузија и земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија. Според анкета спроведена во шест-земји членки на ЕУ, 26% од испитаниците изразуваат поддршка за пристапувањето на Македонија во Европската Унија, наспроти 27% кои се противат на ваквата идеја.

Минатиот месец Европската комисија препорача да започнат формалните преговори за пристап на Украина и Молдавија. Шефовите на владите на 27-те земји членки треба да разговараат за споменатиот предлог на самитот во Брисел што ќе се одржи оваа недела, иако унгарскиот премиер Виктор Орбан постојано изјавува дека е против отворање на преговори со Киев.

Проширувањето стана итен приоритет за ЕУ ​​откако Русија ја започна инвазијата на Украина. Во ноември, комисијата, исто така, ги поддржа пристапните преговори со Босна и Херцеговина и препорача Грузија да добие статус на земја кандидат.

Анкетата за Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР) покажа значителна поддршка за кандидатурите на Украина и, во помала мера, за кандидатурите на Молдавија и Црна Гора, но и длабока економска и безбедносна загриженост. Сепак, голем број од испитаниците се спротивставија на евентуалниот прием на Турција, а „ладен туш“ добија и Македонија, Албанија, Босна, Грузија, Косово и Србија.

Истражувањето покажа силно противење на можноста Турција да се приклучи на ЕУ, при што 51 процент од испитаниците во шесте земји се против идејата и помалку од еден од пет испитаници поддржуваат каков било напредок за членството на Турција.

Поддршката за пристапување е најслаба за Косово, со 20% од испитаниците кои сметаат дека земјата треба да се приклучи, а 37% се против, за Албанија – 24% изразуваат поддршка, а 35% против. Во меѓувреме, поддршка од 25% доби Србија, наспроти 35% од испитаниците кои беа против, додека за Грузија – 25% се за, а 31% против.

Мислењата се порамномерно поделени за Босна и Херцеговина, со 28% од испитаниците кои се за, односно 29% против, додека поддршката за Молдавија изнесува 30%, односно 28% против. 30% од испитаниците изразуваат поддршка за Црна Гора, наспроти 25% кои се против.