Европа ќе има повеќе огради на границите отколку во времето на Студената војна

Европа наскоро ќе има повеќе физички пречки и огради на меѓудржавните граници отколку во времето на Студената војна. Бегалската криза која ескалира годинава, заедно со конфликтот меѓу Украина и Русија, придонесоа европските влади да планираат и подигаат гранични ѕидови и огради низ Медитеранот и источна Европа.

Деновиве Унгарија ја заврши оградата на границата со Србија, чија цел е да ги спречи бегалците од Сирија и другите земји во војна да ја влезат на нејзина територија. Во моментов, Унгарија ја обележува и границата со Романија, каде исто така планира да постави ваква ограда. Самата Романија исто така планира слична „заштита“ од бранот бегалци.

Но, ова е само последниот во долгата низа примери на подигање вакви огради во Европа. Во средината на 90-те години, Шпанија ги огради своите марокански енклави Сеута и Мелија, а во 2012 година, Грција и Бугарија изградија огради на своите граници со Турција. Украина лани ја запечати својата граница со Русија, а сличен чекор најавија и балтичките држави: Летонија, Литванија и Естонија. Доколку ова се оствари, Белорусија ќе биде единствената земја меѓу Балтичкото и Црното море, чии граници не се оградени.

Европа ќе има повеќе огради на границите отколку во времето на Студената војна

Приказ на сите гранични огради и ѕидови во светот

Од паѓањето на Берлинскиот ѕид, вкупно 40 земји низ светот подигнаа огради или ѕидови, кон 64 свои соседи. Повеќето од нив ги користат безбедноста и спречувањето на нелегална емиграција како изговори. Повеќе од 30 земји донеле вакви одлуки по нападите врз САД на 11 септември 2001 година, а 15 вакви одлуки се донесени само оваа година. На Средниот исток, војните во Ирак, Авганистан и Сирија, како и бегалските бранови кои произлегоа од нив, ги предизвикаа повеќето земји да ги затворат своите граници. До крајот на оваа година, откако ќе го заврши граничниот ѕид кон Јордан, Израел ќе стане првата земја која е целосно опколена со ѕидови и огради.

Пред две години, Бразил соопшти дека ќе изгради „виртуелен ѕид“, чуван од дронови и сателити, на целата свој граница, долга речиси 15.000 километри. Причината за ваквиот потег, според бразилските власти, е спречување на шверцот и криминалот во граничните области. Соединетите Американски Држави изградија ѕид на својата пустинска граница со Мексико, а Саудиска Арабија затвори пет од своите граници од 2003 наваму.