Ева Цветковска е новиот студентски лидер на УКИМ

Ева Цветковска е новата претседателка на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Таа денеска беше избрана од страна на новиот состав на УСС УКИМ, добивајќи мандат од една година со можност за реизбор.

Цветковска во моментов е на магистерски студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Таа доаѓа на местото на Борјан Ефтимов, кој беше првиот претседател откако со новиот Закон за високо образование се наложи формирање на студентски собранија на сите високообразовни институции во државата.

Тој претходно во изјава за Радио МОФ на својот наследник порача да се фокусира на градење на имиџот на Собранието и да се пази од бирократските лавиринти во кои може да заглави при работата.

„Собранието може да биде силно само ако студентите учествуваат и имаат доверба во него. Сам не може ништо да направи. Треба да биде координатор, а не креатор на активностите на студентите. Ако студентите имаат доверба, понатаму ништо не е невозможно“, рече тој.