ЕУ во борба против „бесконечното скролање“: Нови правила за заштита на младите од зависност на социјалните мрежи

Европската унија презема конкретни чекори против „бесконечното скролање“ и другите дизајнерски решенија што поттикнуваат зависност кај младите на социјалните мрежи, објави Politico Europe. Европската комисија за првпат официјално побара од ТикТок да оневозможи автоматско бесконечно прикажување содржини, да воведе строги паузи за време поминато пред екран и да направи измени во алгоритмите за препораки.

Одлуката е донесена во рамки на Законот за дигитални услуги (Digital Services Act – DSA), при што Комисијата оценила дека дизајнот на платформата создава ризик за менталното здравје на корисниците, особено на децата и тинејџерите. Според европските власти, станува збор за „пресвртница“ во регулирањето на таканаречениот зависнички дизајн. Постапки за слични сомнежи се водат и против други големи платформи, меѓу кои Фејсбук и Инстаграм, поради потенцијална штета врз младите корисници. Експертите оценуваат дека исходот од случајот со ТикТок може да постави нови глобални стандарди за тоа како социјалните мрежи ги дизајнираат своите услуги.

ТикТок има можност да се изјасни и да ги оспори наодите. Доколку не ги исполни барањата, компанијата може да се соочи со казна до 6 проценти од годишниот приход.

Од Европската комисија порачуваат дека целта не е забрана на платформите, туку создавање побезбедна дигитална средина за младите, со повеќе контрола и транспарентност.

Извор: Politico Europe
Фото: Архива