ЕУ извештај: Ограничен напредок во образованието, пандемијата влијаела врз реформите

Северна Македонија е умерено подготвена во спроведување на реформите во образованието, се наведува во најновиот извештај на Европската Унија. Во него се препознава моментот дека пандемијата со Ковид-19 влијаела на образовниот систем и напредокот на реформите во образованието, додека напорите на владата биле првенствено фокусирани на создавање средина за учење на далечина.

„Ограничен напредок е постигнат во текот на периодот на известување, земајќи ја предвид и ситуацијата со Ковид-19 што влијаеше длабоко врз образовниот систем. Воведување цели и индикатори за сеопфатната стратегија за образование 2018-2025 напредува бавно, како и имплементација на соодветен систем за мониторинг. Препораките од извештајот за 2020 година беа само делумно адресирани и остануваат валидни“, забележува извештајот.

Во него се истакнува дека во следната година, државата треба да ја имплементира стратешката рамка за образование и особено целите за предучилишно образование и реформата за стручно образование и обука. Покрај ова, треба да ја подобри поддршката за обука и професионален развој на наставниците и да се воспостави ефективен процес на оценување. Покрај ова, ЕУ забележува дека останува да се работи и на пристапот до квалитетно образование за сите, особено за децата со попреченост и децата од ромските заедници и зголемување на уписот во предучилишна возраст.

„Иако е постигнат одреден напредок во предучилишното образование, целокупното ниво на упис останува ниско, особено во контекст на Ковид-19“, се истакнува во извештајот.

Ако европската цел за 2020 година за вклучување во предучилишно образование е поставена на 95%, само 45% од децата од 3-6 години во Северна Македонија биле запишани во лиценцирани образовни институции за предучилишно образование во 2020-2021 година, што претставува благ пораст во однос на претходната година.

Сепак, од ЕУ посочуваат дека Правилникот за стандарди и норми за предучилишно образование е изменет со цел да се подобри пристапот и вклучување на деца со посебни потреби во јавни и приватни институции.

Што се однесува до другите образовни нивоа, 90,8% од децата биле запишани во основно образование (90,6% машки, 91% женски) и 78,9% во средно образование (женски 79,8% машки 7 8,1%) во учебната 2020-2021 година. Во високото образование, пак, вкупниот упис останува низок. Бројот на студентите запишани во првата година на студии се намалуваат во последните три години.

Во меѓувреме, Владата го усвои Законот за високо образование и формираше Одбор за акредитација и евалуација на високото образование.

Во извештајот се наведуваат и резултатите од меѓународното ТИМСС тестирање кое се спроведе во 2019 година. Република Северна Македонија во математичка писменост од 58 држави е на 45 место, а во природни наука сме подолу рангирани односно од 58 држави учеснички Северна Македонија е на 51 место.

Земјата ги продолжи подготовките за учество во 2021 година во меѓународната студија ПИРЛС која се фокусира на процесот на разбирање, навиките и ставовите за читање кај овие ученици, како и ПИСА тестирањето, кое беше одложено за 2022 година.

Недоволен напредок во образованието 

Според анализата на Институтот за европска политика, државата константно бележи тројка во подготвеноста да ги исполни реформите во образованието, додека напредокот е недоволен изминативе две години.

„Иако Извештајот оваа година е целосно структуриран по кластери, суштествено нема големи новини во пристапот на Комисијата, освен редоследот на поглавјата и сумирањето на главните наоди по поглавја. Во повеќето од кластерите Северна Македонија е проценета како умерено подготвена да ги преземе обврските од членството во ЕУ со видливи разлики помеѓу посебните поглавја во кластерите, како што може да се види од табелата подолу“, оценуваат од ЕПИ.

Според нив, поволни се оценките за мерките за поддршка на стопанството и вработувањето, но кризата влијае и на забавување на реформите во социјалната политика и образованието. Во скоро сите поглавја се забележува на недостиг на независност, координација и капацитети на институциите, но и недостиг на ресурси и напори за спроведување на законите и политиките, забележуваат од ЕПИ.

„Генерално, во однос на оценките за подготвеноста во поглавјата нема промени од 2019 година, а сосема мал во однос на годините пред тоа. Иако во истиот период бележиме напредок, особено во одредени поглавја, тој не се рефлектира во пораст на оценката за подготвеноста за преземање на обврските од членството“, сметаат од Институтот.

Оттаму заклучуваат дека оваа состојба е одраз на долгорочната природа на пристапниот процес, континуираното менување на европското законодавство, но и на генералниот недостаток на политичка поддршка во ЕУ за процесот на проширување. Од аспект на држава кандидат ваквиот пристап не обезбедува импулс за реформи, сметаат од ЕПИ.

Е.П.