ЕУ избори: Голема излезност и раст на Зелените и крајно десните политички партии

Двата најголеми европски политички опции во Европскиот Парламент, Социјалдемократите и Европската народна партија, доживеаја лош резултат на изборите во Европската Унија и го изгубија заедничкото мнозинство во Парламентот, додека либералите, Зелените и крајно десничарските партии остварија раст.

Она што е посебно карактеристично за изборите за Европскиот Парламент, кои завршија синоќа, е високата излезност во споредба со минатите години. Со 51 отсто излезност, ова е најголем процент после првите директни избори во 1979 година, кога одзивот беше речиси 62 отсто и оттогаш е во опаѓање. Пред пет години на гласачките места излегоа само 43 отсто од Европејците со право на глас.

Во идниот состав на Европарламентот најсилна политичка опција останува Европската народна партија со 179 мандати (42 мандати помалку), по што следува Социјалдемократската опција со 150 пратеници (41 помалку), либерал-демократите со 107 мандати (40 повеќе од минатиот состав), Зелените со 70 пратеници (20 повеќе), додека десничарските конзервативци и националисти имаат по 58 мандати, а евроскептичната опција – Слобода и директна демократија доби 56 мандати.

Британскиот Гардијан издвојува пет клучни поенти од ЕУ изборите:

1.Традиционалните центристи значително послаби

Ова беше лоша ноќ за центар-левата опција низ Европа. Лабавата група на социјалдемократи во Европскиот Парламент ќе загуби 41 мандат од вкупно 751 место. Ништо подобро не помина ниту центар-десната опција која ќе падне од 221 на 179 места, иако останува најголемата парламентарна група. Заедно овие две опции ќе го загубат мнозинството и ќе мораат да коалицираат со либералите и Зелените за да владеат.

2.Зелените со бран на доверба 

Зелените скоро го дуплираа својот резултат во Германија, завршувајќи на второто место пред германските социјалдемократи. Најголем успех оваа опција оствари во северноевропските држави, индустриски најразвиени држави, каде сега, инспирирани од 16-годишната активистка Грета Тунберг, младите протестираат за ставање крај на зависноста од фосилните горива.

3.Крајната десница не ги оствари очекувањата

И покрај добрите резултати во Полска, Унгарија и Италија, предвидуваните добри резултати за крајната десница не се реализираа целосно. Добриот резултат на центристичките про-ЕУ партии, претставени најмногу преку социјалистите ПСОЕ во Шпанија ги срушија надежите на лидерите на крајно десничарските опции дека ќе имаат резултат со кој ќе можат да ја диктираат политиката во Стразбург. Иако националистичкиот блок го зголеми бројот на мандати на 58, сепак не ги оствари посакуваните очекувања.

4.Се појави нова средина на политичкиот спектар

Иако класичните центристички партии изгубија влијание во некои од ЕУ членките, како Германија, целосната слика е дека четирите парламентарни групи кои ги сочинуваат проевропските опции изгубија помалку од 20 мандати, обезбедувајќи 505 места од 751 мандати во ЕУ Парламентот. Ова е најмногу поради добриот резултат на либералдемократите.

5.Излезноста – најголем победник

Лидерите на ЕУ беа пресреќни од зголемената излезност на 51%, што е за 8 проценти повеќе од последните избори во 2014 година. Излезноста ги елиминра дискусиите за „демократскиот дефицит“ кој го поткопуваше легитимитетот на Европската Унија. Либералниот премиер на Луксембург, Ксавиер Бетел напиша на Твитер: „Европа победи! Излезноста е многу голема, а проевропските партии се најсилни“.