Во рамките на проектот „ЕУ за тебе – Чиста животна средина за сите“, ЕУ Инфо-центарот во Скопје во соработка со Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ почнува серија прикажувања на долгометражни документарни филмови на одредена тема, проследени со дискусии. Програмата почнува на 10 март, во 19 часот, кога ќе биде прикажан документарниот филм „Депонија“ на авторката Луси Вокер.
„Депонија“ (Waste Land) е филм за бразилскиот фотограф Вик Муниз преку кој се запознаваме со животот на припадниците на некои од најсиромашните и маргинализирани заедници.
Сниман во текот на речиси три години, филмот „Депонија“ (Англија/Бразил, 2010, 98 мин.) на авторката Луси Вокер го следи реномираниот фотограф Вик Муниз во текот на неговата работа на најголемата светска депонија „Јардим Грамачо“, лоцирана на периферијата на Рио де Жанерио.
Таму тој фотографира една еклектична банда на катадорес – самопрогласени собирачи на рециклирачки материјали. Иницијалната идеја на Муниз е да ги „наслика“ катадорес со ѓубре. Филмот сведочи за трансформирачката моќ на уметноста и алхемијата на човековиот дух.
За филмот е обезбеден превод во титл на македонски јазик.
По прикажувањето на филмот ќе следува дискусија во неформална атмосфера во просториите на ЕУ Инфо-центарот во Скопје.