ЕУ и ОН со иницијатива за запирање на насилството врз жените во Македонија и уште шест држави

Европската Унија и „UN Woman“ денеска покренаа тригодишна регионална иницијатива за ставање крај на дискриминацијата и насилството врз жените во шест држави од Западен Балкан (Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Србија) и во Турција.

Програмата „Имплементирање на норми за промена на мислењето“, проект вреден пет милиони евра, има за цел да се засили заштитата на правата на жените и девојките во рамки на „Годината за ставање на крај на насилството над жените“ – партнерство на ЕУ и „UN Woman“ (Субјектот на Обединетите Нации за родова рамноправност и зајакнување на жените).

„Европската комисија во партнерство со Обединетите Нации ги засили напорите во борбата против насилството над жените во земјите на Западниот Балкан и во Турција. Ќе работиме во поддршка на националните влади и граѓански општества за да се забрза заштитата, превенцијата и одговорот на насилството над жените“, изјавила Џеновева Руис Калавера, директорот за Западен Балкан во Генералниот директорат за европско соседство и преговори за проширување на Еврокомисијата.

Според Елена Грозданова, државен советник од македонското Министерство за труд и социјална политика, настанот ќе помогне за унифицирање на различните активности што треба да се спроведат за квалитетни меганизми за справување со овој вид на насилство, како и за спроведување на активностите кои се дел од програмата на Министерството и на Владата за подготовка на закон за борба против родово-базирано насилство, пренесе МИА.